Одѕивот на гласачите на парламентарните избори во Германија, кои се одржуваат денеска, достигна 83 отсто, што е највисока излезност од обединувањето на земјата во 1990 година, објави јавниот радиодифузер ЗДФ.
За споредба, на претходните парламентарни национални избори во 2021 година, одѕивот изнесуваше 76,4 проценти.
Според објавените излезни анкети од изборите во Германија кои се одржуваат денеска, партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ освоиле 29 отсто од гласовите, а зад нив е ултрадесничарската АфД со 19,5 отсто од гласовите. СПД е на трето место со 16 отсто, а Зелените на четврто со 13,5 отсто.
Интересно, идентичен процент од испитаниците (83 отсто) деновиве одговориле во анкета дека се загрижени за состојбата во државата. Како главни причини за загриженост Германците ги навеле имиграцијата, економијата, војните и растечката поддршка за ултрадесничарската партија АфД.



