Надмината бројката на посетители во Државниот Архив ПО Охрид за првиот квартал од годината споредбено со 2022 година. Имено, заклучно со 24 април Архивот го посетиле 300 луѓе, што всушност значи дека до крајот на месецот ќе биде надминат минатогодишниот број кој преставуваше и своевиден рекорд, вели директорот на установата Никола Митровиќ Бабе.
Државниот Архив ПО Охрид врши своја статистика за да се согледа интересот на посетителите кои доаѓаат да го согледаат архивскиот материјал кој го поседуваме, но и да бараат и сопствени документи кои се разбира ги чува самиот Архив. По таа статистика во првиот квартал во 2023 година согледавме дека веќе го надминуваме минатогодишниот рекорд од 300 посетители. За нас ова значи дека институцијата навистина е тарнспарентна, отворена и секој оној кој има интерес за било какво истражување и потреба од документи институцијата му стои на располагање, вели Митровиќ.
Работата во самиот Архив, потенцира, може да се подели на два дела: научно-истражувачка дејност и документи кои им се потребин на луѓето во секојдневието.
Во првиот дел спаѓаат истражувачи кои ги интересира историјата пред се за подрачјето кое го опфаќа Охридскиот Архив, каде спаѓаат различни фондови, а кои ги имаме доста на број, сега и збогатени. Во вториот дел доаѓаат луѓе кои имаат потреба која е создадена кај државните или јавните иматели, пример Сектор за урбанизам, приватни фирми… каде им се потребни одредени документи како одобрение за градба, локација и слично на сопствените објекти, но и за дополнување на стаж кој е доста актуелен сега, бидејќи на голем број луѓе им недостасува записот од стажот каде што работеле во одредени фирми и затоа доаѓаат кај нас.
За жал, Архивот не ги поседува документите од сите некогаш постоечки институции односно фирми во градот Охрид. Но, од она со што располагаме им излегуваме во пресрет на луѓето и се задоволни, додава.
Во однос на кој е најстариот документ кој го поседува Архивот, Митровиќ, вели тоа е црковно-словенски документ односно книга која е земена од манастирот Свети Јован Бигорски и потекнува од 14 век.
Книгата сега е целосно реставрирана и е многу чест посетител на различни изложби кои се прават надвор од државата се со цел да се укаже на значајност која ја имаме ние како Архив на Македонија.
Архивот е отворен за сите кои се заинтересирани, може да дојдат дури и да си го истражат своето семејно стебло, да истражуваат различни историски фондови и навистина имаме големо пишано богатство и претставуваме една ризница на пишани документи. Се надевам дека од година во година бројот на посетители во Архивот ќе се зголемува, додава Митровиќ.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.