Реорганизацијата на Владата е завршена, ова се новите министри

Собранието, на својата 112-та седница, синоќа гласаше за реорганизација на Владата, при што беа избрани осум нови министри. Сите кандидати добија поддршка од 69 пратеници, без ниту еден „против“ или „воздржан“.

Министерството за правда ќе го води Јетон Шасивари, универзитетски професор и доктор по уставно и административно право. Тој е редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, член на Венецијанската комисија како заменик државен претставник и предавач во Академијата на судии и јавни обвинители.

Агон Ферати е избран за нов министер за односи со заедниците. Тој има магистерска диплома по бизнис администрација и бил советник за управување со европски проекти во Општина Тетово, со искуство како експерт за европски интеграции.

Министерството за култура и туризам ќе го води Седат Сулејмани, кој претходно беше заменик-министер во истиот ресор. Тој има долгогодишно искуство во јавната администрација и приватниот сектор, а високото образование го стекнал на Универзитетот Улудаг во Бурса, Турција.

За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Борче Серафимовски, поранешен државен секретар во министерството. Тој има диплома по одбрана, магистер по меѓународни односи и докторат по организациски науки, додека во својата кариера бил и генерален директор и заменик-претседател на Управниот одбор на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе.

Министерството за здравство ќе го води Сашо Клековски, кој доаѓа од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување. Тој е лекар по професија, а има и диплома за магистер по бизнис администрација. Во својата кариера учествувал во подготовката на неколку национални стратегии, работел на проекти за зајакнување на институциите, а бил и универзитетски предавач и колумнист.

Ѓоко Велковски е избран за министер за социјална политика, демографија и млади. Претходно беше заменик-министер во истиот ресор, а претходно беше министер за труд и социјална политика во техничката влада. Велковски е дипломиран економист со долгогодишно искуство во државната администрација и локалната самоуправа.

Иван Стоилковиќ е избран за министер за локална самоуправа, претходно извршувајќи ја функцијата вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Тој има повеќе од две децении парламентарно искуство и е дипломиран правник со дополнителна обука во областа на безбедноста и стратешките комуникации.

Ерџан Демир, кој претходно беше национален координатор за креирање и следење на националните стратегии и политики за немнозинските заедници, е назначен за министер без ресор. Тој е дипломиран економист со долгогодишно искуство во јавниот сектор, невладиниот сектор и приватните компании.

Со изборот на нови министри, Собранието официјално ја заврши реорганизацијата на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
The post Реорганизацијата на Владата е завршена, ова се новите министри appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: