Овој специјален вид на леб е идеален за сендвичи, а по потекло е од Франција и е омилен ширум светот.
Многумина не можат да одолеат на мирисот на тазе испечен леб којшто се шири низ домот. Доколку сте љубители на францускиот багет тогаш овој рецепт ќе го правите често.
Состојки:
-500 грама брашно;370 милилитри млака вода;
-1 лажичка сув квасец;
-1 лажичка сол.
Подготовка:
Во чинија помешајте ги сувите состојки, а потоа со постепено додавање на водата замесете тесто.
Кога тоа ќе стане компактно, оставете го во чинија да нарасне околу (45 минути). Прекријте го садот со памучна крпа или проѕирна фолија.
После 45 минути префрлете го тестото на работната маса и со влажни раце кратко замесете го, па обликувајте го и повторно оставете да нарасне околу 45 минути.
Истата постапка на работната површина повторете ја три пати. Кога три пати ќе го премесите тестото, поделете го на четири дела. Секој дел од тестото обликувајте го, покријте ги тестата со крпа, па оставете ги уште 15 минути да отстојат.
Потоа земете го тестото и развлечете го по површината на работната маса во облик на правоаголник, па изролајте го во саканата должина.
Секој багет префрлете го во плех и оставете околу половина час да отстои пред да го ставите во рерна.
Пред да ставите да ги печете, засечете ги на средина.
Во загреана рерна на 250 степени ставете го плехот којшто до половина сте го наполниле со вода, па кога водата ќе почне да врие над него ставете ги багетите и печете 20-на минути на 220 степени Целзиусови.
Благодарение на водената пареа која се шири од долниот дел на плехот, багетот ќе биде крцкав однадвор, а мек и воздушест однатре.