Рецепт за освежувачки германски коктел од џин и босилок – вкус кој ќе ви ги разбуди сите сетила

Иако коктелот Gin Basil Smash звучи како отсекогаш да бил на менијата на пијалаци, сепак прв го развил Германецот Јорг Меиер и тоа пред само 15 години.

Овој коктел се прави од џин, босилок и свеж лимонов сок, направен по примерот на популарното Whiskey Smash. Whiskey Smash првпат бил спомнат кон крајот на 19 век, а се добива со комбинација на лимон, нане, шеќер и мраз и е прекрасен и освежителен летен коктел.
Варијацијата на темата со џин ја осмислил пред 15 години Јорг Меиер, сопственик на германскиот бар „Bar Le Lion“ во Хамбург, којшто рецептот го објавил на својата страница.

Со текот на времето коктелот станал вистински хит меѓу Германците, а потоа и во останатиот дел од светот.
Покрај џин, босилок и лимон, ќе ви биде потребен и едноставен сируп, неизоставна состојка од многу од коктелите.
Може лесно да го направите така што ќе загреете еднаква количина на вода и шеќер и ќе мешате додека шеќерот не се растопи. Потоа тргнете го садот од оган, оставете да се излади и користете по потреба.

Состојки:

  • 8 до 10 големи ливчиња босилок;
  • 75 милилитри џин;
  • 22 милилитри едноставен сируп (мешавина од вода и шеќер);
  • мраз;
  • 22 милилитри лимонов сок.

Подготовка:
Ставете ги ливчињата босилок во шејкер за коктели и лесно згмечете ги. Додадете го џинот, лимоновиот сок и едноставниот сируп во шејкерот. Додадете две дланки мраз и протресете.
Процедете го пијалакот во чаша наполнета со мраз. По желба додадете малку газирана вода.

На здравје!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.