За почетокот на годината, одлучивме да направиме комбинација од омилената торта на многумина и коктел во еден незаборавен десерт и со него да “наздравиме” за новата 2019 година.
Потребни состојки:
– 200 гр. чајни колачиња
– 100 гр. путер
– 500 гр. крем сирење
– 25 гр. шеќер во прав
– 50 мл. џин
– 1 чајна лажичка исцеден сок од лимета (или лимон)
– кора од една лимета
– 100 гр. бело чоколадо
– 300 мл. павлака за шлаг
Начин на припрема:
1. Сомелете ги чајните колачиња со миксер или во блендер додека не добиете прав.
2. Измешајте ги колачињата со растопениот путер, а смесата втиснете ја во калап за торта и ставете ја во фрижидер за да се зацврсти.
3. Во големиот сад, измешајте го крем сирењето, шеќерот, џинот, сокот од исцедената лимета и изрендана кора додека не добиете хомогена смеса.
4. Растопете го белото чоколадо на пареа и оставете малку да се излади (околу 2 минути), пред да го измешате со смесата за филот.
5. Во посебен сад изматете ја павлаката за шлаг и полека вмешајте ја во смесата од сирењето и белото чоколадо.
6. Прелијте ја смесата врз тестото и вратете го калапот во фрижидер на барем шест часа, а идеално е да го оставите преку ноќ.
7. Вака подготвениот десерт послужете го со вашиот омилен коктел.
На здравје!