РКЕ го поевтинува дизелот, бензинот останува ист

Во согласност со методологијата за утврдување на цените, РКЕ одлучи да ги намали малопродажните цени на горивата во нашата земја кои стапуваат на сила од ноќеска на полноќ, во просек за 0,25 проценти во однос на одлуката која беше донесена минатата недела.
Според ова, во следните седум дена бензините ќе се продаваат по истиот износ како и досега, додека дизелот поевтинува за денар и половина. Ова значи дека од 21 септември од 00:01 часот Еуродизел ќе се продава по цена од 62 денари по литар, додека цената на Еуросупер БС-95 изнесува 73, односно 75 денари за Еуросупер БС-98.
„Кај крајната цена на дизелот има намалување како последица на анулирање на дополнителната акциза за дизелот од 2 на 0 денари за литар. Во првите две недели од месецот заклучно со 15 септември регистриран е раст на берзанската цена на дизелската фракција која служи како основа за пресметка на малопродажната цена на дизелот. Растот на берзата е поголем од 600 USD/ton, со што се исполнува условот да не се пресметува дополнителната акциза кај дизел горивото. Ние ги доставивме овие податоци до Министерството за финансии и Царинската управа, што всушност ни е законска обврска два пати во месецот да ги информираме за движење на берзанските цени на нафтените деривати за да знаат дали се пресметува дополнителната акциза или не“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.