Русија ги принудува луѓето да земат нејзино државјанство, не дозволувајќи им пристап до здравствена заштита, социјална помош или имот за изнајмување доколку не го сторат тоа. Локалното население беше охрабрено да се шпионира меѓусебно, за што беа создадени и онлајн платформи, вели шефицата на мисијата на ОН Даниел Бел
Русија незаконски ја консолидира својата контрола врз окупираните делови на Украина со создавање атмосфера на страв преку практики како што се апсења, убиства и тортура, изјави шефот на мисијата на Обединетите нации во оваа земја разурната од војна.
Говорејќи во пресрет на објавувањето на заклучоците на големата мисија на ОН за следење на состојбата со човековите права на територијата окупирана од Русија во инвазијата што започна во февруари 2022 година, шефицата на мисијата, Даниел Бел, нагласи дека руското прекршување на правата се користи за да се заплаши локалното население и да се принуди на соработка.
„Оваа комбинирана акција преку цензура, надзор, политичко угнетување, репресија на слободата на говорот, ограничувања на движењето, создаде атмосфера на страв во која Руската Федерација може систематски да ги отстрани украинските владини и административни системи“,
рече таа во интервју за Ројтерс.
Повеќе од две илјади сведоштва
Москва негира дека нејзините сили вршат злосторства или намерно гаѓаат цивили. Русија го окупираше Крим во 2014 година, а проруските паравојски окупираа два источни регионални центри во истата година. Со инвазијата во 2022 година, Москва освои дополнителни области на југ и исток, па во моментов контролира околу 17 отсто од територијата на Украина со неколку милиони жители.
Мисијата на ОН немала пристап до окупираните територии, па своите заклучоци ги засновала на повеќе од 2,3 илјади сведоштва на оние кои живеат под окупација, ги напуштиле тие територии или живеат во делови од земјата кои во меѓувреме биле ослободени. Бел рече дека имало почетна фаза на кршење на човековите права, убиства, мачење и притворање без соодветна постапка на оние за кои се верува дека се поврзани со украинските сили или поддржувачите на Киев.
Следеа кампањи против слободата на движење, собирање и говор на локалното население, а потоа и замена на сите поголеми институции со руски. Училиштата се префрлија на руски јазик и наставна програма, а судовите почнаа да приведуваат луѓе во руските затвори.
Бел рече дека Русија ги принудува луѓето да земат нејзино државјанство, не дозволувајќи им пристап до здравствена заштита, социјална помош или имот за изнајмување доколку не го сторат тоа. Локалното население беше охрабрено да се шпионира меѓусебно, за што беа создадени и онлајн платформи.