Иако веќе долго време се зборува дека консумирањето грав е добро за здравјето, денес на оваа мешунка ѝ се придава уште поголемо значење поради новите информации од страна на научниците.
Научниците откриваат дека исхраната богата со грав може да го намали ризикот од срцеви заболувања и одредени видови рак. Насоките за здрава исхрана од владата на САД од 2005 година препорачуваат доза од 3 шолји грав неделно.
Гравот има голема енергетска вредност и ги содржи речиси сите есенцијални аминокиселини. Покрај тоа содржи и лецитин, како и калиум, калциум, фосфор, магнезиум, цинк и натриум. Претставува одличен извор на протеини, а за разлика од други извори, гравот содржи малку масти.
Од витамини е одличен извор на фолна киселина, витамини Б6, К, Б2 и Б3. Асортиманот на фитохемикалии пронајден во гравот ги штити клетките од рак и го забавува растот на тумор.
Истражувачите од „Harvard School of Public Health“ изјавиле дека жените кои консумираат грав најмалку двапати неделно имаат 24 отсто помалку шанса да развијат рак на дојка, срцеви болести, дијабетес тип 2, висок крвен притисок и рак на дебелото црево.
Научниците од државниот универзитет во американската сојузна држава Колорадо тестирале 6 вообичаени видови грав кои можат да се најдат на пазарот и ја измериле количината на антиоксиданти во секој од нив. Тестирањето покажало дека црвениот, шарениот и темносиниот грав имаат до 10 пати поголема количина на антиоксиданти и други лековити материи за разлика од белиот и жолтиот грав.