Белата куќа доцна вчера објави дека САД се повлекуваат од серијата одмазднички мерки против Колумбија, велејќи дека двете земји постигнале договор за американските летови кои ги враќаат колумбиските мигранти дома.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека двете земји се согласиле Колумбија да ги прифати нејзините мигранти без ограничувања, вклучително и да бидат вратени со американски воени авиони.
Колумбискиот претседател Густаво Петро претходно одби два американски воени авиони и рече дека ќе ги прифати мигрантите само кога САД ќе се однесуваат со нив достоинствено, вклучително и да користи цивилни авиони за депортирање.
Белата куќа, исто така, соопшти дека ќе ги држи новите царини и санкции против Колумбија непотпишани „освен ако Колумбија не го почитува овој договор“.
Визните санкции на Стејт департментот против неколку колумбиски функционери, како и засилените царински инспекции, ќе останат во сила додека првиот авион со колумбиски мигранти не слета во Колумбија, соопшти Белата куќа.
Министерството за надворешни работи на Колумбија доцна вчера соопшти дека го надминало ќор-сокакот со САД и оти министерот за надворешни работи и колумбискиот амбасадор во САД патуваат во Вашингтон на состаноци на високо ниво за да го следат договорот.
Колумбија рече дека ќе ги пречека своите луѓе дома и ќе им гарантира пристојни услови како граѓани кои имаат права.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK> може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.