Рангирањето на САД покажува континуиран надолен тренд во последните десет години, а 2025 година донесе дополнителен удар. Според оценките, администрацијата на претседателот Доналд Трамп значително ја ослабнала способноста на федералната влада да се бори против корупцијата.
Меѓу клучните причини се наведуваат паузирање на истраги за поткупување американски компании во странство, ограничување на спроведувањето на Законот за регистрација на странски агенти и користење на државните институции против политички противници.
Од враќањето на Трамп во Белата куќа, според анализите на CNN, се забележува систематско слабеење на независните институции и на механизмите за контрола и отчетност.
Рекордно ниска оценка
Покрај падот на ранг-листата, САД ја добија и најниската оценка досега – 64 поени, на скала од 0 до 100, каде 100 означува многу ниско ниво на корупција, а 0 исклучително високо ниво.
„Многу сме загрижени за состојбата во Соединетите Држави“, изјави за CNN извршната директорка на Transparency International, Маира Мартини.
„Постои реална опасност овој негативен тренд да продолжи“, предупреди таа.
Во соопштението, организацијата дополнително наведува дека иако настаните од 2025 година сè уште не се целосно одразени во индексот, нападите врз независните гласови и поткопувањето на судската независност предизвикуваат сериозна загриженост.
„Привременото замрзнување и слабеење на спроведувањето на Законот за коруптивни практики во странство испраќа сигнал за толеранција кон коруптивните деловни практики, а намалувањето на американската поддршка за граѓанското општество во странство ги ослабна глобалните антикорупциски напори“, наведува Transparency International.
Корупцијата расте и во другите демократии
Transparency International предупредува дека влошувањето во САД е дел од поширок, загрижувачки тренд во демократските земји. Сличен пад е забележан и во Канада и Обединетото Кралство.
Велика Британија, со 70 поени, ја забележа својата најниска оценка досега, иако ја задржа 20. позиција на листата. Извршниот директор на Transparency International – Велика Британија, Даниел Брус, истакна дека корените на корупцијата во британската политика не се адресираат сериозно.
Тој посочи на влијанието на „мега-донатори“ во политиката, сомнителни јавни именувања, истрагата против поранешниот министер Питер Менделсон, поврзана со случајот на Џефри Епштајн, што дополнително ја втурна владата на премиерот Кир Стармер во политичка криза.
Глобалната слика: најлош просек во една деценија
Глобалниот просек на CPI падна на 42 поени, што е најниско ниво во повеќе од десет години. Според Transparency International, повеќе од две третини од земјите во светот не успеваат ефикасно да ја контролираат корупцијата.
На врвот на листата, Данска осма година по ред е најдобро рангирана со 89 поени, а ја следат Финска и Сингапур.
Сепак, организацијата предупредува дека високите резултати не значат отсуство на корупција во сите области. Приватните сектори во земји како Швајцарија и Сингапур се соочуваат со критики дека овозможуваат перење и трансфер на „валкан“ капитал преку границите.



