САД планираат да инвестираат во десничарски групи во Европа: Два милиони долари наменети за организации на Балканот

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да лансира серија грантови во Европа и во други делови од светот за поддршка на иницијативи усогласени со движењето MAGA (Make America Great Again), како дел од сеопфатна реформа на приоритетите за странска помош на САД, пишува „Фајненшл тајмс“.

Според нацрт-известувањето испратено од Стејт департментот до американските законодавци, најголемиот грант предвиден во овој предлог изнесува 40 милиони долари и е наменет за американската непрофитна организација „Фондација за сеќавање на жртвите на комунизмот“, која е посветена на зачувување на сеќавањето на жртвите на комунистичките режими.

Еден од проектите е грант од 2 милиони долари за „спротивставување на цензурата“ за кој американската администрација вели дека произлегува од регулативите на Европската Унија, вклучувајќи го Законот за дигитални услуги (DSA) и Законот за дигитални пазари (DMA).

Меѓу можните начини за користење на овие средства се иницијативите насочени кон заштита на слободата на изразување, политичката конкуренција и националниот суверенитет во европските земји.

Планиран е грант од два милиони долари за организации во Источна Европа и на Балканот кои се спротивставуваат, како што се наведува, на обидите за поткопување на западните норми на цивилизацијата. Сепак, нема детали за тоа кои точно организации треба да ги добијат парите.

Надвор од Европа, во документот на Стејт департментот се наведува дека дел од средствата се даваат на организации во Бразил кои се борат против, како што се истакнува, „судскиот активизам и цензура“ насочени против поранешниот претседател Жаир Болсонаро, но не е позната сумата пари што треба да се насочи за оваа намена.

Според овој документ, износот од еден милион долари е наменет за невладини организации во Јужна Африка кои се занимаваат со кршење на човековите права на етничките малцинства во оваа земја.

Пронајдете не на следниве мрежи: