Самоодрекувањето е тажно и пострашно од негирањето однадвор


На денешниот форум „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ организиран од Универзитетот „Скопје“, поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан рече дека не е ново негирањето на правото на постоење и одземањето на историјата и културата затоа што народот и црквата, рече, одамна се научени на тоа.

Но, нов елемент и далеку позастрашувачко е тоа што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку самите се самонегираме, самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет. Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците. И тажно беше кога однадвор други не негираа застапувајќи ги своите интереси, но неспоредливо потажно е кога самите однатре се негираме застапувајќи туѓи интереси како свои, рече архиепископот додавајќи дека има „некои Македонци со антимакедонски постапки“ кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени и волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик.

Порача дека се излажале „главните идеолози на таквите обиди на кои нашите им слугуваат“ кои мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти која ќе се урне ако се повлече една, затоа што, рече, македонскиот народ е пиреј – трева што не умира и ништо не ја ништи. Според него, само одржувајќи го христијанскиот идентитет, македонскиот народ ќе го зачува „македонскиот, библиски, јазичен, културен и историски идентитет“.

Уште Стариот завет нѐ учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки и ако ја почитуваме таа заповед тогаш треба да ги почитуваме нашите прадедовци и прабаби по род кои се вложија во градењето на нашата историја и култура, нашата Црква и држава… Доколку останеме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа тогаш ќе градиме и општество на здрави луѓе кои ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ. Така меѓу нас ќе нема веќе „кафеави сахиби“ и оволчени шарпланинци, личности кои почитувајќи ги туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите. За оние коишто тоа досега го правеле, го просиме Бога да им прости оти не знаат што прават, рече г.г. Стефан.

Амбасадорот Марјан Ѓорчев за медиумите изјави дека форумот се организира во пресудни моменти за нашата татковина „во време кога треба да ја сочуваме унитарноста и државноста, во време кога треба да ја промовираме древноста и вековноста на историско-географскиот простор Македонија“.

Според него, почнувајќи од 1993 и од, како што рече, „фамозното попуштање под притисокот на Грција“, потоа Привремената спогодба во 1995 и откажувањето од државното знаме, непочитувањето на пресудата на Судот на правдата во Хаг во 2011, откажувањето во член 49 од македонското малцинство „покажавме огромно без’рбетништво и непочитување на она што македонскиот народ ни го порачуваше низ овие три децении“.

Ако не попуштевме, ќе се најдевме на истото место каде што сме денес. Само ќе бевме погорди, подостоинствени и со поголема перспектива за нашата македонска иднина. Тоа е пораката – сите сплотени, заедно, единствено да покажеме дека имаме што да чуваме, имаме што да браниме и имаме што да надградиме на овој наш историско-географски македонски простор каде што е формирана македонска држава. Треба да ја почитуваме, треба да ја сакаме и да работиме за неа, порача Ѓорчев.

Според Аце Миленковски, ректор на Универзитетот „Скопје“, форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ е организиран од потребата да се зачува македонскиот идентитет затоа што, рече, се работи за татковината.

Идентитетот е лична карта, пасош. Кога ќе нѐ идентификуваат ние сме Македонци, а и да не нѐ идентификуваат пак сме Македонци. И како сакаат да не нарекуваат, ние сме Македонци. Тоа беа моите предци и моите потомци, тоа беа историските личности од античкиот период и во целиот период оттогаш сѐ до денес. На форумот ќе ги слушнете нашите аргументи дека за сѐ може да разговараме, но за личниот идентитет никако. А никогаш и никако за идентитетот на нашата татковина, изјави Миленковски пред почетокот на форумот организиран во три панел-дискусии.

„МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Фејзи и Ѓурчиновска | ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ

Извор

Пронајдете не на следниве мрежи: