Над 1.600 деца ќе добијат термин за вакцинација со Фајзер

Имунизацијата ќе започне во понеделник, најголем интерес има во Скопје, а најмал во Кратово и во Македонска Каменица.
Вкупно 1.623 деца од 12 до 18 години кои што покажале интерес за вакцинирање во текот на денешниот ден ќе добијат термин за вакцинирање. Имунизацијата на децатаќе започне во понеделник, 19 јули, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинирањето на децата ќе се спроведе во постојните вакцинални пунктови во градот кој го навеле при пријавувањето. Најголем број пријавени деца и млади има во Скопје и тоа во поликлиниките „Букурешт“ – 367, „Јане Сандански“ – 267, „Чаир“ – 101 и „Бит Пазар“ – 5. Во Тетово се пријавени 103 деца, во Битола 99, Куманово 86, Охрид 76, Велес 70, Кавадарци 53, Гостивар 49, Струмица 43, Гевгелија 40, Штип 38, Струга 25, Неготино 15, Кочани 14, а во останатите градови бројките се под 10 пријавени. Најмал интерес или по само еден пријавен има во Кратово и Македонска Каменица, како и по двајца во Вевчани, Демир Хисар и Македонски Брод.
Децата од 12 до 16 години ќе се вакцинираат со Фајзер. Оваа вакцина во моментов е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца за оваа возраст.
Вакцинацијата против Ковид-19 нема да биде задолжителна во Северна Македонија, но е неопходна за да се постигне колективен имунитет. Министерот за здравство Венко Филипче деновиве изјави дека тој ќе ги вакцинира своите деца. „Единствен начин да стигнеме до колективен имунитет е и децата да се вакцинираат“, порача Филипче.
Родителите со своите деца може по своја волја да се појават директно на пунктовите за вакцинација, а во здравствените домови ќе бидат достапни и педијатри за советување. Надлежните апелираат граѓаните да ја искористат можноста да се вакцинираат. Според нив, појавата на Делта сојот на коронавирусот покажува колку е важна вакцинацијата, со оглед на тоа дека таа штити од тешка форма на болест и од смрт.


Досега со две дози се вакцинирани 259.894 граѓани, а вкупно се аплицирани 700.193 дози. Министерството за здравство започна теренска вакцинација низ целата земја, а граѓаните можат да се вакцинираат без закажан термин. Епидемиолозите неодамна укажаа дека само голем опфат на населението со вакцинација може да ја смени сликата со епидемијата на Ковид-19 и новите мутации коишто се реална закана. Најновите прогнози на здравствените лица се дека е потребно да се постигне праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто кај населението за да се спречи ширењето на вирусот. Но, овој праг ќе може да се постигне само ако со вакцинацијата бидат опфатени и адолесцентите.
По краткото затишје повторно почна да расте бројот на заразени со ковид и новите мутации. Во последните 24 часа се направени 2.866 тестирања, а регистрирани се 26 нови случаи на Ковид-19. За лекување на заболените во иднина ќе се користи најсовремениот метод на терапија за пациенти заболени со вирусот, моноклонална „коктел терапија“ со антитела од лековите „Казиривимаб“ и „Имдевимаб“ од швајцарскиот производител „Хофман Ла Рош“ одобрена за употреба од Европската агенција за лекови.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.