Секоја блокада на европскиот пат е и враќање назад во 2001-ва, нашето национално единство е сѐ уште кревко



Кога ќе слушнам заканувачки тонови, тоа веднаш ме потсетува на она што се случи пред дваесет и нешто години по планините околу нас, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва со Свети Николе на митингот на Коалицијата за европска иднина.

– Гледам дека веќе растат тензиите за изборите. И има причина за тоа. Овие избори се клучни за нашата иднина. Овие избори се глас ЗА или ПРОТИВ нашата европска иднина! Овие избори не се за бисквити и гурабии. Мене тоа воопшто не ми е смешно! Затоа што кога ќе слушнам заканувачки тонови, тоа веднаш ме потсетува на она што се случи пред дваесет и нешто години по планините околу нас. Сакам да ѝ порачам на албанската заедница: ова е и ваша земја, никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но вие имате и одговорност. И ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Прво граѓаните нема да го дозволат тоа, никој здраворазумен нема да го дозволи тоа, рече Ковачевски.

Тој упати порака и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Внимателно по патот кој сте го фатиле, затоа што и тој има последици. Секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација, тоа е и враќање назад. Назад во 2001 година или којзнае каде. Нашето национално единство е сѐ уште кревко. Не може да си дозволиме кој било да си игра со него, порача Ковачевски.

Реална и суштинска промена во нашето општество, како што нагласи, е можна само со ЕУ.

– Само со ЕУ можеме да ги подобриме состојбите во сите сегменти на општеството. Од ова, нема откажување, порача претседателот на СДСМ.

Ковачевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нуди план кој не е план, а за Христијан Мицковски кажа дека е новиот Никола Груевски.

– Исто како неговиот ментор и тој ќе го одложува патот кон ЕУ. Исто како неговиот ментор и тој ќе ја обвинува ЕУ за неговите неуспеси, нагласи Ковачевски, додавајќи дека Груевски и Мицковски ќе изгуби уште 11 години од нашите животи, од животите на нашите деца, на нашите внуци. На прагот сме на еден историски подвиг – Македонија – земја членка на ЕУ, поминавме многу време во чекалната, сега е време е за Европска Македонија, затоа, нема откажување од европскиот пат на земјава, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Свети Николе.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: