Се жалам што немам Интернет, а некои немаат семејство: Маријана ги расплака сите

Маријана има 12 години и, како што самата вели, среќно детство, но ги нема работите што денес се подразбира дека децата мора да ги имаат. Нема лаптоп, Интернет, нема ниту мобилен телефон. Но, затоа има соништа, јасна цел во животот за која треба вредно да работи. Кога ќе порасне, сака да се запише на факултет, да биде учителка. Тоа што не користи Гугл, Фејсбук и Инстаграм, вели дека нема да ја спречи во намерите. Маријана има книги, кога нешто не знае ги прашува постарите, па логички заклучува.
– Маријана е одлична пријателка. Сака да им помага на другите, сака да запознава нови луѓе. Никогаш не била агресивна, никогаш не повредила никого. Додека нејзините врсници се опседнати со пубертетските грижи, таа е поинаква – раскажува Марија Халачек, една од нејзините наставнички која предава хрватски јазик.
Кога на училиште ќе добие задача на Интернет да пронајде одредена фотографија, на пример играч од некое светско фудбалско првенство, Маријана едноставно нешто ќе нацрта, информира хрватскиот магазин “Провјерено“.
– Јас сум Маријана. Не ме познавате? Вистина е, ме нема на Инстаграм и на Фејсбук. Ако сакате да ме запознаете, можете да дојдете кај мене. Во моето маало или во училишниот двор. Лесно ќе ме препознаете. Јас сум таа која не држи мобилен – напиша таа во еден нејзин состав со кој освои второ место на државниот натпревар по книжевност.
Вели дека времето ѝ поминува во читање. Сака научна литература, но интересни ѝ се и магазините. Ги сака сите предмети на училиште, освен географија. Вели дека семејството ѝ е најважно.
– Кога само ќе се сетам дека постојат деца кои немаат семејство. А, јас се жалам што немам Интернет. Кога ќе се сетам на овој момент, сфаќам дека моето детство е добро – порачува Маријана.
Нејзината мајка вели дека некои работи навистина ги нема, но дека љубов сигурно не ѝ недостасува.
– Во семејство кое живее од земјоделие, а мама и тато мора да се грижат за четири основци, не е секогаш лесно. И некои работи едноставно не може да се имаат. Како мобилен или Интернет – заклучува Валентина, мајка ѝ на Маријана.
Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.

mk_MK
mk_MK