Се намалува бројката на новозаразени на ковид-19, се враќаме ли во нормала?

Вакцинацијата е главниот спас од која било инфекција, па така и од ковид-19. Од вакцинацијата се очекува најголемата заштита, таа не штити стопроцентно, но спречува тешка клиничка слика, како и смртни последици. Македонските граѓани во се поголем број секојдневно се вакцинираат, но не само на вакциналните пунктиви во земјава, туку и во соседна Србија. Намалениот број на новозаразени лица, како и бројот на имунизирани и прележани дава голема надеж дека конечно ќе стивне состојбата со епидемијата и животот полека ќе се врати во нормала.
Директорката на Клиниката за Инфективни болести и фибрилни состојби Милена Стевановиќ синоќа изрази надеж дека ќе имаме мирно лето, но нагласи дека мерките мора да се почитуваат и да бидеме претпазливи.
„Јас посакувам мирно лето, но навистина морам да бидам многу предострожна и навистина да не се надевам повеќе од она што објективно треба. Не смееме да внесуваме паника и немир кај граѓаните, но одговорноста мора да постои кај секој еден од нас. Тоа е она што е единствено практично, а од големо значење за развојот на епидемиолошката слика со Ковид-19 во државата“, нагласи Стевановиќ.


Таа потенцираше дека вакцинацијата е секогаш главниот спас од која било инфекција.
„Ние денеска сведочиме во ова време на комплетно искоренување на на одредени болести, така и за ковид-19. Вакцинацијата е таа од која очекуваме најмногу“, рече Стевановиќ.
Таа потсети дека ниту една вакцина не може да покрие стопроцентна заштита од одредена инфекција и равој на болест, но она што може да го направи е да го заштити човекот од исклучително тешки клинички слики и најнепосакувани исходи од болеста, смртните исходи.
Околу вакцинацијата на лицата кои прележале Ковид-19, таа посочи дека независно од прележаната болест, како и од клиничката слика во текот на болеста, вакцинацијата мора да се случи.
„Вакцинацијата мора да се случи независно од прележаната болест како и независно од тежината на прележаната болест. Колкаво ќе биде времето до вакцинација? Колегите во медицинските научни истражувања велат дека треба комплетно да бидат повлечени сите клинички симптоми од болеста, тоа е најмалку еден месец по заздравувањето. Секако дека овие пациенти ќе имаат имунитет најмалку шест месеци. Ние ги гледаме најкратките возможни рокови, повторно со предострожност да ги заштитиме пациентите“, рече Стевановиќ.
Таа истакна дека најзначајно е лицата кои прележале ковид-19 да бидат вакцинирани и при тоа сите тие информации врзани со вакциналниот процес, со вакцините, било која од вакцините кои ни се расположливи во државата, да ги слушаат од белите мантили и нивните сугестии.
„Сите социјални мрежи не се извор на медицински професионални информации. Навистина апелирам да се следат упатствата издадени на вакциналните пунктови, како и од Министерството за здравство. Повторно со цел тоа биде комплетно и соодветно вакцинирање, а не базирано на непроверени извори, во смисла на која вакцина, колку дози, дали некој треба или не треба, дали е паметно или не е паметно. Во овие ситуации во пандемиски размери на проширена инфекција навистина нема тука многу дилеми, освен еден и единствен извор на информации кој треба сериозно да се следи“, потенцираше Стевановиќ.
Во изминативе денови покрај намалениот број на новозаболени од ковид-19, се бележи и се помал број на хоспитализирани и починати лица. Стевановиќ, околу работата на Инфективната клиника рече дека тие не запираат, оти таму се уште се лекуваат ковид-пациенти.
„Ние не сме застанати, во тек се темелни чистења на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, дезинфекции на целокупниот простор, на целокупниот медицински мебел, опрема со која располагаме, затоа и апелирам секој еден од нас да не застане со заштитата од Ковид-19 и да се придржува на она што е препорака за заштита од него“, порача Стевановиќ.
Имено, откако на македонските граѓани им е овозможена имунизарција без претходна пријава преку српската владина е-управа, пред главниот пункт за вакцинација на Здравствениот дом во Спортската сала во Врање, се формираат редици од голем број граѓани на Македонија кои пристигаат во Врање за вакцината против вирусот ковид-19.
Од Здравствениот центар во Врање соопштија дека заради зголемениот број на луѓе зајакнати се сите пропишани епидемиолошки мерки, „пред се мерките за заштита и дезинфекција, како и дезинфекција на просторот“.
„На граѓаните на Република Северна Македонија им беше наложено да не прават гужви и им беше кажано дека сите ќе бидат вакцинирани“, изјавија од Здравствениот центар во Врање.
Последните неколку дена, стотици Македонци се вакцинирани во Врање.
Според последните податоци во земјава, активни се 451 случај на заболен од ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега беа заразени 155.441 лица, оздравеа 149.528 пациенти, а починаа е 5.462 лица.
Досега во земјата се направени вкупно 818.746 тестирања на ковид-19.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 399.962 дози вакцини, а ревакцинирани се 150.775 граѓани.
Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 443.374 граѓани.
Со последните бројки барем една доза од вакцината имаат примено 48 проценти од населението над 70 години, 42 отсто од населението над 65 години и 35 проценти од населението над 60 години.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.