Најголем број на пријавени случаи имало во Кавадарци и тоа 146. Во останатите градови бројот на пријавени случаи, како што се наведува во извештајот, е помал или еднаков на 100
Минатата недела биле пријавени 641 случај на заболени од грип што е за 21,8 отсто помалку во однос со претходната недела, покажуваат податоците од најновиот неделн извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во споредба, пак со истиот период минатата година, бројот на пријавени лица е намален за 3,9 отсто.
Најголем број на пријавени случаи имало во Кавадарци и тоа 146. Во останатите градови бројот на пријавени случаи, како што се наведува во извештајот, е помал или еднаков на 100.
Од сите случаи во овој период, според возраста, најмногу пријавени, односно 396, биле од 15 до 64 години. На возраст од пет до 14 години биле пријавени 135 случаи, а 68 се деца под четири години. Најмалку заболени минатата недела имало кај возрасната група над 65 години и тоа 42 случаи.
Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години, наведуваат од ИЈЗ.
Минатата недела биле регистрирани и два смртни случаи асоцирани со грип. Едно лице било од Скопје на возраст од 39 години, а другото е 66-годишен велешанец. Двете лица биле хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“.
„Кај двете лица е утврдено присуство на коморбидитети – невролошки и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип“,
се појаснува во извештајот на ИЈЗ.
Во сезоната 2023/2024, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 13 382, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 51 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има намалување од 24,4 проценти.
Од ИЈЗ велат дека во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се 13 починати лица асоцирани со грипот.
„Се забележува намалување на бројот на заболувања слични на грип, кој е во рамки на ниска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има регионална распространетост на вирусот на грип, а процентот на позитивност е над границата од 10 отсто. Според податоците од САРИ надзорот, бројот на хоспитализации е намален споредено со претходниот период. Согласно податоците од рутинскиот и САРИ надзорот, Република Северна Македонија има регионална географска распространетост и низок интензитет на активноста на вирусот на грип“,
додаваат од ИЈЗ.
Од почетокот на годината, од ИЈЗ велат дека во земјава вакцинирани се вкупно 61 785 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.