Се намалува бројот на нови случаи на ковид-19, расте интересот за вакцинација

Стивнување на епидемијата со коронавирусот покажуваат последните податоци на нови случаи и на починати лица. Вчера од направени 3.108 тестирања позитивни беа шест отсто или 198 а починаа 12 лица од кои најмладиот е од Крушево на 37-годишна возраст.
Според податоците на Министерството за здравство, заклучно со завчерашниот ден во целата држава се вакцинирани 97.004 граѓани, а преку веб-платформата „vakcinacija.mk“ за вакцинирање се пријавиле 256.346 граѓани.
„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Прва доза вакцина вчера примиле 12.487 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.725 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 118.984 дози вакцини, а ревакцинирани се 21.890 граѓани. Со последните бројки 32 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина“, соопштија вчера од Министерството.


Оттаму додаваат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 256.346 граѓани.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“, бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Досега во земјата се направени вкупно 738.012 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.891, бројката на оздравени пациенти е 137.664, на починати е 5.079, а бројот на активни случаи изнесува 11.148.
Според епидемиолошки анализи, во моментов најмногу активни случаи има во Скопје – 5099, следува Куманово – 900, Битола – 725, Прилеп – 444, Тетово – 447, Охрид-406. Во другите градови се под 400 активни случаи.
Се намалува бројот и на хоспитализирани. Ако кон крајот на април во болниците имаше околу 1.300 пациенти кои се лекуваат од ковид-19, сега има вкупно 806. Во Скопје се лекуваат 340 лица, а во болниците низ државата 466 пациенти. Има околу 864 празни болнички кревети.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.