Се огласи Новак Ѓоковиќ: И покрај сè сакам да играм на АО, благодарам на сите што ми дадоа поддршка

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ попладнево даде изјави по одлуката на австралискиот суд со која беше поништена неговата депортација. -Задоволен сум и благодарен што судијата ја спречи депортацијата. И покрај сè што се случи изминатава недела, сакам да останам и да учествувам на Австралија опен, изјави Ѓоковиќ.
Останувам фокусиран на ова, Летав овде за да играм на еден од најважните турнири пред големи навивачи. Засега не можам да кажам повеќе, но ви благодарам што ме поддржувате во сето ова и ме охрабривте да останам силен, истакна првиот светски рекет.
На 10 јануари, судијата на Федералниот суд во Мелбурн, Ентони Кели, ја усвои жалбата на Ѓоковиќ поради укинувањето на визата од страна на австралиската гранична служба и нареди негово ослободување од имиграцискиот притвор во рок од 30 минути по завршувањето на сослушувањето.
Претходно, ноќта на 6 јануари, на Србинот не му беше дозволен влез во Австралија поради недоволни податоци за медицинско ослободување од вакцинација против коронавирус, но спортистот ја оспори оваа одлука на суд.
Ѓоковиќ е деветкратен и актуелен шампион на Австралија опен. Вкупно, 34-годишниот Србин има освоено 20 титули на Грен слем турнирите, исто толку имаат и Роџер Федерер и Рафаел Надал.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.