Пред десет месеци Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за набавката на преговарач и надзор за изведбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, за кои веќе беше одлучено да ги гради „Бехтел и Енка“. Јавната дебата и предистрагата ја поттикнаа и серија стории на „360 степени“
Нашите истражувања покажаа дека фирмата која треба да заврши најголем дел од работата на надзорот до скоро се занимавала со производство на долна облека, дека многу експерти кои според тендерот треба постојано да вршат надзор на терен, всушност, се најмени на најмногу 10 часа неделно и се редовно вработени во други компании, па дури и дека некои експерти веќе се пријавени дека ќе бидат постојано на терен на други градежни проекти
Обвинителството за гонење на организиран криминал постапува во врска со предметот за надзорот над „Бехтел и Енка“. Ова, во кратки црти, е одговорот на обвинителството на новинарско прашање на денешниот брифинг во новите канцеларии на ОЈО ГОКК.
Предметот, потсети обвинителката кај која е распределен, е отворен по сомнежите во јавноста за изборот на фирма која ќе преговара, а потоа и ќе врши надзор над автопатиштата за кои веќе беше одлучено дека ќе ги гради „Бехтел и Енка“. За потсетување, дел од тие прашањата ги отвори „360 степени“.
Откривме дека под плаштот на „странска реномирана компанија“ работите, всушност, ќе ги извршуваат домашни фирми. Дека домашната фирма која треба да заврши најголем дел од надзорот до скоро имала примарна дејност – производство на долна облека. Дека голем број експерти кои беа услов за добивање на тендерот, всушност, биле вработени во други фирми, а само дополнително ангажирани во некои од фирмите кои го добиле тендерот (до 10 часа неделно). Од друга страна, во тендерот се очекува тие лица да бидат постојано на располагање за надзорот.
Еден истражител
Да се вратиме на денешниот брифинг во обвинителството. Една од причините што и по 10 месеци нема јавнообвинителска одлука е што, велат од обвинителството, сакале да ги проверат сите околности. Затоа го побарале и договорот за изградба на делниците 8 и 10-д со „Бехтел и Енка“ (што не е исто со договорот за надзор со конзорциумот предводен од италијанската „ИРД Инженеринг“), кој, патем, не е јавно објавен. Го добиле, ама на англиски јазик, па било потребно време и за да се преведе документот кој е на повеќе стотици страници.
Освен преводот, во овие десетина месеци е прибрана обемна документација. На распит биле повикани повеќе лица. Бидејќи станува збор за предистражна постапка, која е тајна, не беа соопштени нивните имиња. Обвинителството соработува и со Државниот завод за ревизија, од каде што наскоро очекуваат да биде готов извештај на истата тема, по што ќе се продолжи кон носење на јавнообвинителска одлука.
На новинарска забелешка, кога може да се очекува одлуката, со оглед на фактот дека правните лица кои се под опсервација веќе си работат на терен, одговорот на обвинителството беше по малку дефанзивен. Надлежната обвинителка објасни дека станува збор за обемен предмет и дека се работи со сите расположливи капацитети, но и дека тие капацитети не се неограничени. Всушност, одговорот се заврши со информација дека на предметот работи само еден истражител, од вкупно 20, колку што ги има ОЈО ГОКК. Беше објаснето и дека станува збор за особено тежок материјал од повеќе области, вклучувајќи го и градежништвото и јавните набавки, а и дека МВР нема вишок истражители кои може да се повлекуваат лесно, по потреба.
Стигнал извештајот и од ДКСК
Нешто подоцна на брифингот, повторно се појави можноста да се отвори дискусија за предметот за изборот на надзорот над изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д. Тема беше соработката меѓу ОЈО ГОКК и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Пред околу еден месец, а по неколкумесечна работа, Антикорупциската комисија испрати анализа до ОЈО ГОКК која ги вклучуваше и изборот на конзорциумот „ИРД инженеринг“ за надзор и изборот на „Бехтел и Енка“ за изведувач на автопатиштата. Прашањето беше – дали обвинителството ја примило анализата и дали ќе помогне во предметот.
До тој момент, на брифингот, беа искажани негативни ставови за квалитетот на претставките кои обвинтелството ги добива од ДКСК. За анализата на ДКСК за надзорот и изградбата на автопатиштата, предметната обвинителка кажа дека во делови им се совпаѓаат наодите, но потоа издвои пасус од извештајот, кој, според обвинителството, е фактички неточен. Остана нејасно каква и дали воошто ќе има некаква употребна вредност анализата на ДКСК за обвинителството.