Сиљановска-Давкова: И папата Лав 14. и италијанскиот претседател Матарела биле и остануваат наши пријатели

  И папата Лав 14. и претседателот на Италија Серџо Матарела велат дека биле и остануваат наши пријатели, истакна претседателката Сиљановска – Давкова по аудиенцијата кај новиот Папа и средбата со нејзиниот италијански колега во Ватикан и Рим.
„Две импресивни средби – долга средба со Папата, а можете да замислите како изгледа разговор со еден врвен математичар, филозоф, ама и духовен човек. Нешто неверојатно, една посветеност, решеност да даде свој прилог во решавањето на светските проблеми, посветеност на најранливите категории како што тоа го правеше претходниот Папа, но исто така и заложби за ставање крај на војните и посветување на мирот“,  рече Сиљановска – Давкова.

Тој исто така мисли дека во светот, како што рече, треба да се случат реформи во ОН во смисла на нивно вклучување во решавањето на проблемите, „ама и преиспитување на патот по кој тргнале многу политичари, пат кој што нема ништо заедничко со уметноста на политиката, туку главно се темели околу тоа кој, кога и како добива“.
Во однос на средбата со својот италијански колега, Сиљановска – Давкова, како што јави известувачот на МИА од Рим и Ватикан, таа рече дека ги реафирмирале заложбите за реинтеграција на Западен Балкан и за нашата реинтеграција во ЕУ.
Исто така, вели, и претседателот Матарела е познат политичар, но и државник и што е најважно наш голем пријател.

Таа рече дека очекува, исто како и Матарела, „да дојде до разговори со нашите соседи за да видиме кое е најдоброто решение“.Таа уште еднаш повтори дека и Папата и претседателот на Италија велат дека биле и остануваат наши пријатели и дека навистина на тој пат нема да ги заборават ниту принципите на ЕУ, на кои таа потсетила, бидејќи, како што рече, Европска унија без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница.
„Но, исто така, и на потребата да седнеме културно со соседите, во случајов со Бугарија, и да го решиме проблемот“, посочи претседателката.
Таа смета дека зборовите на Матарела се охрабрувачки за нас и дека ние треба да сториме се за да решиме еден многу важен проблем. „И за него политиката на проширување е многу битна. Никогаш немало поголема потреба од обединување на Западниот Балкан во ЕУ, се разбира, како што реков врз основа на принципите кои се важни за демократијата, но и за нашиот просперитет“, истакна Сиљановска – Давкова.
Со аудиенцијата кај папата Лав 14. и средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова ја заврши неколкудневната посета на Рим и Ватикан во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

Пронајдете не на следниве мрежи: