Сиљановска-Давкова на средба со претставнички на Здружението „Јас Сум Жена“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставничките на Здружението за вмрежување на жени, едуцирање и истражување „Јас Сум Жена“, во состав: Ана Дукоска, Анета Механджијска и Славица Јанкова.
На средбата се разговараше за претстојната конференција на „Јас сум жена“, којашто годинава е посветена на жените во бизнисот, како и за иницијативите на здружението за поврзување на жените.
Претседателката ги поздрави настаните во чиј центар се жените и женските автентични приказни, коишто откриваат бројни проблеми, но и видни успеси.
Според неа, годинашнава тема, фокусирана на жените во бизнисот е добар избор од многу причини, а особено заради фактот што женската економска самостојност е предуслов за креирање свој живот, градење хармонична семејна заедница и учество во општествениот развој.
Сиљановска-Давкова ја поздрави храброста на „Јас сум жена“ во рушењето на митот за традиционално машки и женски професии, преку запознавање со успешни жени – машиновозачки, капетани на бродови или оџачарки и охрабрување на девојките слободно да го изберат и трасираат својот професионален пат, водени од сопствените афинитети, интереси и способности.
Таа го поздрави учеството на конференцијата на жени – претприемачки од регионот, но и пошироко, кои имаат македонско потекло, како можност за запознавање со нивното релевантно, инспиративно и стимулативно искуство и воспоставување соработка со нив.
На средбата, гостинките ја запознаа претседателката со партнерството со Здружението „До бебе по патот на ин-витро“, со намера да им овозможат конкретна помош на жените и семејствата на патот кон мајчинството и родителството.
Сиљановска-Давкова изрази разбирање и верба во остварувањето на посакуваната цел, како и поддршка на патот кон неа.
Претставничките на „Јас сум жена“ ја презентираа иницијативата за формирање совети за женско претприемништво во градовите и општините ширум земјава.
Исто така, ја запознаа претседателката со интензивната и широка соработка со Агенцијата за иселеништво, којашто треба да резултира со формирање советодавно тело и систем за реинтеграција на повратниците од странство.
The post Сиљановска-Давкова на средба со претставнички на Здружението „Јас Сум Жена“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: