Си бевме поддршка во Бејрут, меѓу нас не постои его: манекенките од „Црнокрак“ меѓу најубавите на светските избори за мис

Катарина Јовановска, Мија Стерјовска и Ива Пеева од модното студио „Црнокрак“ летово освоија титули на изборот за мис топ-модел, што се одржа во Либан. Секоја од нив има поинакво искуство од изборот, но трите велат дека не очекувале да освојат титула и затоа се пресреќни. Во Либан беа повеќе од три недели, време во кое се запознаа со локалната култура, се прошетаа во неколку градови, јадеа локални специјалитети и се дружеа со уште четириесет девојки од целиот свет.

„Кога одиш на избор на убавина, најважно е да си приземен, да знаеш дека можеш да освоиш титула, ама да не покажуваш его и нарцисоидност. Таму не можам да мислам дека сум подобра од другите зашто сите девојки се убави и сите сме заедно во истиот брод“, рече за „Репортер“ Катарина, која беше избрана за мис елеганција. По професија е правник. Вели отсекогаш сакала да биде адвокат, а убавината никогаш не ѝ пречела во тоа, иако кај нас и денес знаат да кажат дека убавите девојки не може и да се паметни.

Мија е ученичка во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. На почетокот на годината таа стана втора придружничка на мис Европа, а овој пат влезе во десетте најубави девојки на изборот. Долго пред да ја засака модата тренирала кикбокс. Учествувала на многу домашни и европски првенства, па сега дома има награди и од изборите за убавина и од спортските натпревари.

„Кога почнав да се занимавам со манекенство, мислев дека ќе мора да се откажам од кикбоксот, но сфатив дека можам да им се посветам и на двете работи зашто еднакво ме исполнуваат. А моите блиски се гордеат на успесите што ги постигнувам на двете полиња“, ни изјави Мија.

И Ива е средношколка од гимназијата „Орце Николов“. Изборот за мис во Либан е првиот на кој учествувала, а ја освои наградата „Мис тин“. Вели, бидејќи била најмала од сите учеснички, другите девојки ја чувале и најмногу се грижеле за неа.

„Си бевме поддршка една на друга, се дружевме, си поминавме супер. Пред да излезам првиот пат на сцената имав голема трема, мислев ќе се сопнам со штиклите и ќе паднам, ама тоа не се случи. Искрено, пресреќна сум што освоив круна, па повремено си ја ставам на главата и се гледам“, искрена е Ива.

За изборите на убавина на кои учествувале, модното студио „Црнокрак“, колку им се важни титулите, за поддршката од околината и за љубомората, гледајте го видеото.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.