Денешниот свет се карактеризира со сложени конфликти, а едностраната употреба на сила сериозно го нарушува меѓународниот поредок, изјави денес кинескиот претседател Си Џинпинг, додавајќи дека сите земји треба да го почитуваат правото на народот да го избере својот пат и да се придржуваат кон меѓународното право и Повелбата на ОН, според кои големите сили треба да дадат пример.
– Кина и Ирска го поддржуваат мултилатерализмот, се залагаат за меѓународна правда и фер односи и треба да ја зајакнат координацијата и соработката во меѓународните прашања, заеднички да го зачуваат авторитетот на ОН и да го унапредат системот за глобално управување во пофер и поразумна насока – рече Си за време на средбата со ирскиот премиер Михал Мартин.
Според официјалната веб-страница на кинеското Министерство за надворешни работи, Си додал дека Кина и Европската Унија треба да имаат долгорочен поглед, да одржуваат партнерски односи, рационално да ги решаваат несогласувањата и да инсистираат на принципот на соработка и взаемна корист.
Ирскиот премиер Мартин нагласи дека Кина игра незаменлива улога во меѓународните односи, дека активно придонесува за зачувување на авторитетот на ОН и глобалниот мир, како и дека решавањето на меѓународните спорови треба да се одвива во согласност со меѓународното право.
Кина бара итно ослободување на Мадуро
Претходно денес, Министерството за надворешни работи на Кина повика на итно ослободување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро по нападите на САД врз Каракас, додавајќи дека земјата останува доверлив пријател на Латинска Америка и го поддржува суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на земјите во регионот.
Портпаролот на кинеското министерство Лин Џиан на редовната прес-конференција изјави дека Кина е длабоко загрижена поради апсењето на Мадуро и неговата сопруга и дека внимателно ја следи безбедносната ситуација .
Според официјалната веб-страница на кинеското министерство, тој додаде дека Кина одржува позитивна комуникација и соработка со венецуелската влада.
– Кина е шокирана од употребата на сила против суверената држава и претседателот на Венецуела и остро ја осудува оваа акција – рече Лин.
Портпаролот на кинеското министерство, исто така, истакна дека американските акции сериозно го кршат меѓународното право, го загрозуваат суверенитетот на Венецуела и го загрозуваат мирот и безбедноста во Латинска Америка и Карибите.
„Кина е цврсто против ваков вид хегемонија и ги повикува САД да го почитуваат меѓународното право и Повелбата на ОН, веднаш да ги ослободат претседателот Мадуро и неговата сопруга и да го решат проблемот преку дијалог“, се наведува на веб-страницата на Министерството.
Во саботата, околу 2 часот наутро по локално време, САД ги уапсија Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес во воена операција во Каракас , кои беа однесени во притворската единица во Њујорк, каде што ќе им се суди по обвинение за трговија со дрога.
The post СИ ЏИПИНГ ПРВ ПАТ ЗБОРУВА ЗА СОСТОЈБАТА ВО ВЕНЦЕЛА Не ги спомена ниту Трамп ниту Мадуро, туку се обрати до ЕУ appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



