Со свирежи и транспаренти со натписи „Нема потпис, нема мир“, „Стоп за тиранијата со контрола на квалитет“ и „Фелата се буди“, група сметководители одржаа протест пред Министерството за финансии.
„Ајде да го разбудиме министерството. Каде се свирчињата? Свирете сите!“ вака звучеше атмосферата.
Сметководителите се жалат дека им е одземено правото на работа поради недоволен број посетени часови на обука. Тие тврдат дека околу три илјади сметководители ја загубиле можноста за потпис на годишните извештаи за 2024 година. Бараат законски измени за намалување на бројот на задолжителни часови на обука, како и ослободување од обврската за колегите над 58 години. Упатија критики и до Институтот за сметководители (ИСОС), обвинувајќи го за тортура врз сметководителите и барајќи ограничување на неговото влијание.
„Од Министерството за финансии бараме да преземе итни мерки со кои ќе спроведе итни мерки со кои ќе обезбеди спроведување на законот и елиминирање на самоволието на ИСОС. Конкретно бараме итно изнаоѓање решение за сметководителите кои се времено избришани од регистарот да можат да ги потпишуваат годишните извештаи за 2024 година. Изготвување на предлог законски измени со кои на институтот ќе му се одземат или строго ограничат ингеренциите за контрола на квалитет“, вели Сашо Цветановски, неформална група на професионални сметководители со одземено право на работа.
На протестот неочекувано дојде и министерката за финансии Кочоска.
„Добар ден, повелете. Јас досега примив неколку записи. Повелете кажете кој е вашиот проблем“, кажа Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.
Таа ги ислуша нивните барања и ги повика сите забелешки официјално да ги достават во архивата на Министерството.
„Ние решение најдовме. Предлог законот пратениците го поднесоа преку архива од причина што ако одевме преку Влада тоа ќе одземеше повеќе време и затоа оди преку Собрание. Има повеќе сметководители. Вие тука сте само една група. Ние треба да најдеме решение што ќе биде фер и за едната и за другата страна“, изјави Кочоска.
Закон за сметководствени работи, усвоен во 2022 година вклучува задолжителна професионална едукација, испит за влез во професијата, законска одговорност за правилно водење на сметководството и формирање надзорно тело кое ќе обезбеди спроведување на обуките.



