Собранието попладнево го донесе новиот Закон за игрите на среќа за кој во изминатиот период имаше реакции од страна на асоцијациите на игри на среќа.
Од Министерството за финансии го поздравија донесувањето на законот посочувајќи дека со него се обезбедува поголема заштита на граѓаните, особено на младите, намалување на сивата економија, зајакнување на контролата и надзорот врз приредувањето на игрите на среќа и создавање на фер и транспарентни услови за работа на сите приредувачи.
– Постојниот закон повеќе од една деценија ја регулираше оваа област, но во меѓувреме пазарот на игри на среќа значително се промени, се појавија нови форми на приредување, се прошири мрежата на деловни простории и оттука се наметна потребата од закон којшто ќе одговори на современите предизвици и ќе овозможи поефикасен надзор и контрола, велат од Министерството за финансии.
За првпат со законот се регулира рекламирањето на игрите на среќа односно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. За првпат се забранува и оддалечување на просториите за игри на среќа од најмалку 500 метри од основните у средните училишта.
Законот предизвика револт кај вработените во овој сектор кои неколку пати излегоа на протести, а по нивно барање се одржа и јавна расправа во Собранието. Приредувачите на игри на среќа побараа повлекување на законот укажувајќи на штетните последици што ќе ги има донесувањето на законот. Според нив, со законот нема да се намали обложувањето ниту пак ќе се заштитат младите, туку ќе поттикне нелегално организирање на игрите на среќа. Со законското решение, предупредија приредувачите на игри на среќа, ќе се затворат илјадници работни места.
The post Собранието гласаше за Законот за игри на среќа appeared first on Provereno.



