Собранието го изгласа Буџетот за 2026 година

Буџетот на расходната страна тежи 6,7 милијарди евра, а на приходната 6 милијарди.

Собранието денес го донесе Буџетот за 2026 година. Поддршка дадоа 71 пратеник, 14 беа против, а воздржани немаше.

Буџетот на расходната страна тежи 6,7 милијарди евра, а на приходната 6 милијарди. Тој се темели на проектиран растот на БДП од 3,8 проценти, планираната просечна инфлација е 2,5 проценти, а буџетски дефицит е 3,5 проценти од планираниот БДП.

За пратениците од власта станува збор за развоен буџет, со инфраструктурни проекти, со поддршка за бизнисот, ги штити пензионерите со зголемување на пензиите и носи раст на платите.

-Буџетот не е само бројки, туку реални проекти кои ќе им донесат подобар живот на граѓаните – се вообичаените зборови што ги употребија пратениците од власта.

Според опозицијата, Буџетот содржи нереални проекции и служи само за добивање на политички поени. Опозицијата посочи дека за првпат доцни исплатата на социјалната помош, туѓата нега, исплатата на МојДДВ, а стагнираат и платите, иако власта се фали со раст на БДП во третиот квартал.

-Имаме најниска минимална и просечна плата во регионот – е често употребуваната реченица од опозицијата.

Во тек на расправата за буџетот во матичната Комисија за финансирање и буџет од околу 200 амандмани беа прифатени шест.

Пронајдете не на следниве мрежи: