Економски развој, реформи, квалитетно образование, членство во Европската Унија се дел од стратешките цели на Македонија за следните две децении.
Собранието денеска ја усвои Националната стратегија за развој која е патоказ и визија за чекорите во периодот од 2024 до 2044 година.
Од Владата соопштија дека Стратегијата е заеднички документ, точка на поврзување на сите одлучувачки фактори кои сакаат да се вградат во создавањето на иднината за сите граѓани во нашата земја.
„Целите на оваа развојна стратегија се: Економски развој и подобрување на стандардот. Воспоставување на мерит систем каде точката за единствениот критериум по кој ќе се напредува се способностите, стекнатото знаење и квалитетот на визијата кој се нуди. Силен ангажман на сите за економски раст и развој кој ќе обезбеди подобар животен стандард за сите граѓани. Реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата и ќе овозможат нови инвестиции и работни места. Држава без корупција, држава со систем кој функционира, држава со изграден мерит систем со механизми и цели кои мораме да ги искреираме и воспоставиме и се дел од оваа стратегија. Квалитетното образование кое ќе биде клучот на напредокот“, соопшти Владата.
Целта на оваа Влада и на секоја наредна, се додава, е и мора да биде членство во Европската Унија, не само поради тоа што земјава природно припаѓа таму, туку и затоа што нам тие критериуми ни се потребни за подобар стандард и за подобар живот.
„Ние како Влада посветуваме внимание на човечкото знаење и даваме шанса за младите и така ќе продолжиме. Ние како Влада мора да го мобилизираме секој аспект од човечкото знаење и потенцијал и да го градиме нашето општество врз основа на заедништво, солидарност и визионерство. Националната стратегија за развој е одлична и солидна основа за развој на државата и преставува стратешки документ за идните чекори на оваа и секоја идна Влада“, се вели во соопштението.
Стратегијата е изградена низ партнерски однос и поддршката на УНДП во координација со сите агенции на Обединетите Нации, амбасадата на Обединетото кралство и Министерството за финансии на Словачка, кој го поддржаа овој процес.





