Сопружниците од Дебар позитивни на коронавирус- до 13 март без поголеми јавни собири

Двајцата нови дијагностицирани пациенти позитивни на коронавирус се сопружници од село во близина на Дебар коишто во нашата земја пристигнале од Бреша, Северна Италија на 27 февруари. Нивната состојба е стабилна, имаат лесна клиничка слика, лесна форма на горно респираторна инфекција, односно на грип. Во земјава допатувале со автобус со уште 40 патници, кои се идентификувани и ќе им бидат направени проверки.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција рече дека пациентите ќе бидат пренесени со специјалниот транспорт на Здравствен дом Скопје на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде што дежурната екипа е спремна да ги пречека.
– По доаѓањето во земјава патниците немале никакви симптоми и за првпат со сосема лесни симптоми се јавиле 2 март, во понеделникот на матичниот лекар кој не препознал индикација да се направи тестот за коронавирусот, ги пратил на домашно лекување за да денеска се јават во болницата во Дебар каде што доаѓа инфектолог од Гостивар, рече министерот за здравство.


Филипче информира дека после влезот на границата од автобусот патници се симнувале во Куманово, во Скопје и во Дебар. Преку Министерството за внатрешни работи веќе се најдени имињата, матичните броеви на сите 40 патници во автобусот којшто влегол на 27 февруари.
Епидемиолози со асистенција на припадници на Министерството за внатрешни работи денеска ќе направат интервјуа со патниците и согласно податоците коишто ќе ги дадат, согласно нивната здравствена состојба, анализа на контактите коишто тие ги имале, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Состојбата пак на пациентка која е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и чии резултати се покажаа како позитивни на вирусот на 26 февруари, е стабилна.
-Тестот на пациентката е негативен на коронавирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, истиот ќе биде повторен по 48 часа, соопштија вчера од Министерството.
Владата по вчерашната седница излезе со препорака до 13 март да се ограничат јавните настани со гости од странство, да нема поголеми јавни собири, а спортските натпревари да се играат одржуваат без публика.
Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со коронавирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот.


Со помош на мобилните оператори, како што информира министерот Филипче, сите странци кои доаѓаат во државава добиваат тестуална СМС порака во која стои дека доколку почувствуваат за време на престојот некакви симпотоми слични на грип треба да се јават на телефонот на Институтот за јавно здравје. Тоа, како што додаде, е една дополнителна мерка со информации како на флаерот кој странците го добиваат или го сликаат на граничните премини.
И покрај новите два случаи позитивни на коронавирусот, според Филипче, нема простор ниту препорака да се преземат нови дополнителни мерки од оние што веќе се преземаат.
Тој го повтори апелот граѓаните да се придржуваат до мерката за одржување лична хигиена, темелно миење и дезинфекција на рацете, а воедно информираше дека дистрибуцијата на дезинфекциски средства низ училиштата веќе е почната.
Во врска со групата од 20-тина туристи од Сингапур и од Јапонија што преку Бугарија на граничниот премин Деве Баир требаше да пристигне во нашата земја, Филипче информира дека сите се во Скопје, оти биле интервјуирани и им биле земени детални анамнестички податоци.
-Поминати се повеќе денови од нивниот престој во Букурешт. Не постоеше ниту една индикација за да се преземе нешто во смисла на забрана. Сите се здрави и на сите им е направено интервју од страна на локалниот епидемиолог, рече министерот за здравство.

ПОВЕЌЕ ЗА ВИРУСИТЕ на пулс24 ПРОЧИТАЈТЕ ТУКА!!!

Се за КОРОНА ВИРУСОТ на пулс24 ПРОЧИТАЈТЕ ТУКА

За ВАКЦИНИТЕ на пулс24 ПОВЕЌЕ ТЕКСТОВИ ТУКА!!!

ИНФОГРАФИК ЗА ШИРЕЊЕТО НА КОРОНА ТУКА!!!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.