На прашањето за можна промена на Преговарачка рамка, Силјановска-Давкова одговори дека сите договори мора да се базираат на темелните принципи на ЕУ и дека „има и посвета книга“ од Преговарачката рамка, а тоа се Лисабонскиот договор и Повелбата за човекови права
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ако биде избрана, би водела скандинавска политика кон соседите, рече таа на гостувањето во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Според неа, оваа политика значи меѓусебен поддржувачки однос, по примерот на Шведска, Финска и Данска, кои им помогнале на Летонија, Естонија и на Литванија на нивниот пат кон демократизацијата, иако, рече, тие биле во полоша стартна позиција од земјите на поранешна Југославија.
„Ако не се обединиме и поддржуваме регионално, не можеме да очекуваме поддршка од другите држави“,
рече Силјановска-Давкова во емисијата, додавајќи дека како шеф на државата првата официјална посета би ја направила во земја од регионот, можеби во Словенија или во Хрватска како членки на Европската унија.
Таа истакна дека очекувала на нашата земја први да и помогнат блиските држави-членки на ЕУ, но тие, како што вели, „не можеле да излезат од балканската логика на условување, национализам, корупција и криминал“.
Како што вели Силјановска-Давкова, земјите што се внатре нам ни прават проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има член 8, што вели дека ЕУ ќе ги поттикнува меѓусоседските договори на реципрочна основа, а соседите ќе си помагаат на патот кон членство во унијата.
„Ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство, нема потреба од закани со вето, кое е најмалку пријателство и добрососедство“,
рече таа.
Прашана дали би го поканила на средба претседателот на Бугарија Румен Радев, таа одговори дека би разговарала со него бидејќи не може да се избега од географијата и од геополитиката.
„Се разбира дека ќе разговарам за сѐ. За да ве почитува некој, треба да му дадете пример. Се разбира дека треба во Бугарија да имате пријатели кои ве ценат за да покажете дека знаете вистински пат да одберете. Ако јас сум објавила книги со Бугарија, ако во Венецијанска комисија сум се дружела со почит со колеги од Бугарија, ќе кажам дека е логично и во политиката наместо најпрагматничната формула кој, кога и како добива врзана само за моќ, можеме да посегнеме и по други перцепции на политиката како уметност на постигање на можноста, како потрага по согласност, по компромис. Како јавна, а не олигархиска работа. Сѐ е тоа во игра“,
рече Силјановска-Давкова во интервјуто.
Во врска со уставните измени, таа рече дека не може да одговори кога би се спровеле, и посочи дека нашата држава во последниве 30 години направила многу измени на Уставот, како ниедна друга, и дека тие не се однесувале на уставниот поредок и на демократијата, туку доаѓале однадвор.
„Договорот за добрососедство и пријателство го крши Бугарија, а не ние. Фатален е односот дека вето ни стои над главата. Потребни се гаранции од соседот како доказ за пријателство и добрососедство“,
вели Силјановска-Давкова.
На прашањето за можна промена на Преговарачка рамка, одговори дека сите договори мора да се базираат на темелните принципи на ЕУ и дека „има и посвета книга“ од Преговарачката рамка, а тоа се Лисабонскиот договор и Повелбата за човекови права.
„Може да течат преговори со Бугарија, но ветото не би смеело да се употреби, заради овие темелни принципи. Може со анекс, толкување, со меѓусебен договор дека ветото нема да се употреби како камшик со кој ќе се заканувате на соседите“,
рече Силјановска-Давкова.
Додаде и дека фаталистичкиот однос кон ЕУ како кон догма е погрешен, односно дека ЕУ е пат или правна, политичка рамка за стандарди, а она што ни треба е „стандардна држава“.
Во интервјуто Силјановска-Давкова кажа и дека без оглед на резултатот од изборите, односно дали победничката партија би имала 59 или 61 пратеник, не е добро решение да се прави влада без партии на Албанците. Исто така, рече дека и во Кабинетот на претседателот треба да има Албанци, но дека во нејзиниот кабинет тие ќе биле стручни и компетентни.