Оливер Спасовски останува координатор на пратеничката група на СДСМ, откако било расчистено недоразбирањето, кое, како што рече денеска лидерот на партијата Венко Филипче било од техничка природа и немало никаква врска со локалните избори.
Поранешниот министер за внатрешни работи во „Тема на денот “ на Сител неодамна изјави дека понудил оставка од функцијата координатор на пратеничката група на СДСМ, но дека тоа немало врска со резултатот од локалните избори.
„Има вистина дека сум понудил оставка во моментот кога требаше да се поднесе резолуцијата до Собранието за Бугарија“, рече Спасовски.
„Да, тоа се случи меѓу двата изборни круга, но причина за тоа беше едно недоразбирање од техничка природа, кое што го расчистивме во меѓувреме. Ја разбирам неговата реакција во однос на тоа прашање поради тоа што тоа доведе до една таква непријатна ситуација, која што не беше ниту намерна, ниту тенденциозна. Но како и да е поразговаравме и по расчистувањето на тоа недоразбирање сепак Оливер Спасовски ќе остане координатор на пратеничката група на СДСМ“, рече денеска Филипче.
Кон крајот на следната недела ќе заседаваат партиските тела и ќе бидат назначени двајца нови потпретседатели. Филипче најави и измени во Извршниот одбор на партијата.
Меѓу двата изборни круга на локалните избори, како и непосредно по нивното завршување, имаше неколку оставки во СДСМ, меѓу кои и на потпретседателка Ана Чупеска.
Оставка поднесоа и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров Костадин Ацевски, претседателот на Градската организација на СДСМ на Скопје, Ѓорѓи Галетановски, а во меѓувреме, Филипче најави и одредени промени во раководство и како нов партиски потпретседател јавно го промовираше Александар Трајановски, кој досега беше член на Извршниот одбор на СДСМ, а на локалните избори настапи како кандидат за градоначалник на Аеродром.
Според информации на „Фокус“, ќе има уште една кадровска промена во партискиот врв на СДСМ, бидејќи наскоро ќе биде разрешен Методија Илиевски, еден од четворицата потпретседатели на партијата назначени откако Филипче ја презеде лидерска палка по ланските двојни избори.


