Средба на претседателот Пендаровски со министерката за внатрешни работи на Италија, Лучана Ламорџезе

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Лучана Ламорџезе, министерка за внатрешни работи на Италијанската Република, која престојува во посета на Република Северна Македонија по повод учеството на  22. состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа.

На средбата беше изразено задоволство од традиционално добрите и пријателски билатерални односи, со активен политички дијалог на високо и на највисоко ниво.

Претседателот Пендаровски ја поздрави одличната соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи, и изрази очекување за нејзино натамошно интензивирање преку заеднички обуки, курсеви и размена на искуства, особено во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата на високо ниво, како и борбата против нелегалната миграција.

Во контекст на аспирациите на нашата држава за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски се заблагодари за силната, гласна и постојана поддршка од Италија за евроинтегративниот процес и изрази надеж дека напорите на Република Северна Македонија ќе бидат соодветно препознаени со отворање на пристапните преговори за членство.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за најавената донација од Италија на 256.000 дози од вакцината Фајзер/БиоНТек преку механизмот КОВАКС во текот на декември.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.