Средба на претседателот Пендаровски со германскиот канцелар Шолц

Претседателот Стево Пендаровски денеска во рамки на неговото учество на Самитот на НАТО, што се одржува во Мадрид, оствари средба со Канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц.

На средбата се разговараше за билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Германија во политичко-безбедносната и одбранбената област, како и за состојбата со македонските евроинтеграции, при што соговорниците ги оценија односите меѓу двете држави како пријателски, исполнети со доверба и заемно почитување.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност за силната и значајна поддршка од Германија за нашата европска интеграција и отпочнувањето на пристапни преговори со ЕУ.

На средбата се разговараше за безбедноста и стабилноста на земјите од Западен Балкан, во контекст на руската инвазија врз Украина. Претседателот Пендаровски ги истакна македонските позиции за руската воена агресија во Украина потврдувајќи ја цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Соговорниците разговараа и за процесот на проширување на НАТО, при што претседателот Пендаровски нагласи дека Северна Македонија е силно посветена на политиката на отворени врати на Алијансата, а со членството на Финска и Шведска во НАТО дополнително ќе се зајакне безбедноста на Алијансата.

Видео материјал:

Инсерти – https://youtu.be/iwfU679uN1g

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.