Средба на претседателот Пендаровски со министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими министрите за надворешни работи на Република Австрија Александер Шаленберг, на Република Словенија Анже Логар и на Чешката Република Јакуб Кулханек.

На средбата се разговараше за евроинтеграцијата на Северна Македонија и регионалните предизвици на земјите од Западен Балкан.

Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните случувања поврзани со почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската Унија. Тие упатија порака дека час поскоро е неопходно одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Северна Македонија, а секое натамошно одложување ќе го наруши кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателот Пендаровски истакна дека високо ја цениме австриската, словенечката и чешката постојана и гласна поддршка за нашата интеграција во Европската Унија во рамки на европските институции.

Во тој контекст, Претседателот го нагласи значењето на неодамна одржаниот состанок во рамки на Процесот Брдо-Бриони на кој беше усвоена заедничка декларација и се испрати силна порака за важноста на процесот на проширување што мора да биде побрз и да не се фокусира само на одделни земји, туку на целиот регион на Западен Балкан.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.