Средба на претседателот Пендаровски со Матеј Закоњшек, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ, Матеј Закоњшек.

На средбата се разговараше за интегрирањето на земјите од Западен Балкан во транспортниот пазар на ЕУ, за што е неопходно спроведување на реформи и усвојување на правото на ЕУ.

Директорот Закоњшек го информираше претседателот Пендаровски за работата на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ и за сегментите што се поврзани со транспорт и мобилност, како безбедност на патиштата, инвестиции и реформи во патишта и железници, како и олеснување на трговијата. Како една од клучните активности, тој го посочи воведувањето на Зелените коридори во земјите од Западен Балкан за време на пандемијата на Ковид-19, со цел олеснување на протокот на стоки клучни за справување со пандемијата и ги образложи напорите овој концепт да се прошири и на границите со земјите од ЕУ.

Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека Република Северна Македонија е целосно посветена на исполнување на европската агенда и нагласи дека инвестирањето во квалитетен и ефикасен транспортен систем е од голема важност, како за развој на економијата, така и за повисок квалитет на животот на граѓаните.

На средбата се разговараше и за економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан и вклученоста на оваа меѓународна организација во процесот на проверка на апликациите што се поднесуваат од регионалните партнери во насока на подобрување и доизградба на трансевропските коридори, кои се протегаат низ земјите од регионот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.