„Стево Пендаровски е мој претседател и никој нема право да му се заканува со убиство!“


„Стево Пендаровски е мој претседател и никој нема право да му се заканува со убиство. И покрај сите мои политички разлики со Стево Пендаровски, кои за многу суштински прашања за државата се и повеќе од непремостливи, денеска ми е должност да застанам зад шефот на македонската држава и врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија“, напиша на Фејсбук амбасадорот Ивица Боцевски по индиректната закана по живот што бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ја упати до шефот на македонската држава.

„Оваа ескалација на говорот на омраза кон Македонија која што започна со чудовишната изјава на МНР Милков за ‘тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе’, денеска кулминираше со закана за убиство на македонски претседател.

Ги повикувам сите македонски, бугарски и европски државни институции да ја осудат оваа изјава, но и веднаш да реагираат сите правосудни органи. Денеска е 25 јануари 2023 година, Македонија е земја – кандидат за членство во Европската Унија, полноправен член на НАТО и земја – основач на Обединетите Нации. Мирот нема цена и мора одлучно да се стави точка на овие страотни ветришта кои што ја загрозуваат македонската државност, посебноста на македонскиот идентитет и интегритетот на македонските институции“, пишува Боцевски.

Воедно, тој ја повика и Роберта Мецола – претседателката на Европскиот парламент, да реагира на „заканата за атентат и убиство на македонскиот претседател, изречена од пратеник во Европскиот парламент“, а го повика и претседателот на македонското Собрание – Талат Џафери, да упати остро писмо до својата европска колешка.

„Нека остане оваа изјава на европскиот столб на срамот, јасен знак дека европскиот фашизам повторно повампирел и како темен облак ѝ се заканува на Европа“, додава Боцевски, цитирајќи ја изјавата на Џамбаски во која бугарскиот европратеник алудира на атентатот на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ како нешто што треба да е лекција за Пендаровски за тоа што побарал на „лидер на ВМРО“ (како што вели Џамбаски сам за себе) да му биде забранет влез во државата.

Пронајдете не на следниве мрежи: