Стефан Требст: Ванчо Михајлов не ја исполнил задачата на Хитлер

Во 1925 година, една година откако беше убиен харизматичниот лидер на ВМРО – Тодор Александров, Иван Михајлов влегува во тричлениот Централен комитет на организацијата. Тодор Александров, којшто е прогимназиски учител и бугарски офицер, награден со железен крст од Вилхем II во 1916 година, по Првата светска војна, заедно со бугарскиот генерал Александар Протогеров, ја реорганизира организацијата создадена во 1893 година, која најпрво се бори за автономна Македонија под управа на султанот, и и’ дава нова насока во дејствувањето – присоединување на Македонија кон Бугарија.

По смртоносниот заговор против Александров, Михајлов ја искористува положбата на доверлив човек – негов секретар, за да го наследи неговото место во Централниот комитет.

Во 1928 година, Михајлов го порачува убиството на својот колега и противник во Централниот комитет – генерал Протогеров, по што ги поставува во раководството на ВМРО двајцата негови најблиски луѓе – Страхил Развигоров и Иван Караџов и така практично ја презема контролата над организацијата.

СТРАХИЛ РАЗВИГОРОВ: Роден е во 1897 година во Штип, во семејството на Мише Развигоров, војводата на ВМОРО. По смртта на татко му во 1907 година, со семејството се преселил во Бугарија. Завршил гимназија во Ќустендил, по што влегол во Военото училиште во Софија. Учествувал во Првата светска војна како бугарски офицер.
Во 1922 година дипломирал право на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, членувал на Македонското студентско друштво „Вардар“ и активно се вклучил во активностите на ВМРО и извршувал повеќе задачи главно поврзани со организациски активности во Пиринска Македонија. Основачки член е на Македонскиот научен институт.
Во 1924 година бил претставник на ВМРО во Свети Врач. Работел како адвокат во Ќустендил и Софија.
За време на расколот во ВМРО по атентатот на генералот Александар Протогеров во 1928 година, тој го поддржува Иван Михаилов. На VII Конгрес на ВМРО во јули 1928 година, заедно со Иван Михаилов и Иван Караџов, бил избран за член на ЦК на организацијата – функцијата ја извршува до април 1932 година.
Во 1929 година учествувал во нарачателот на убиството на Михаил Станоев и учествувал во убиството на Давидко Георгиев.

Приврзаниците на Протогеров, под раководство на Петар Шанданов и Наум Томалевски, жестоко се спротивставуваат. Тоа доведува до долгогодишна внатрешна братоубиствена војна, која зела стотици жртви меѓу активистите од двете завојувани крила. И до денес на бугарски изразите „македонска работа“ или „да завршиш со нешто по македонски“ означуваат да извршиш нешто на особено жесток и крвав начин.

Во 1929 година, Михајлов започнува стратегиски промени во ВМРО – оддалечување од целта за присоединување на Македонија кон Бугарија и поставување на нова задача – „слободна и независна Македонија“, која би ги обединила трите дела, т.е. Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија како „втора бугарска држава на Балканот“. Во текот на 1933 година, новиот курс на дејствување се претвора во доктрина на организацијата.

Според Михајлов, нацијата на новоформираната држава, која се состои од „македонски Бугари“, може да се дефинира и како „бугаро-македонска“, бидејќи е бугарска во етнокултурен и јазичен однос и македонска – во регионален. Така ВМРО си создаде непријател од политичката елита во Бугарија која до тој момент, поголемиот нејзин дел, е поволно расположен кон организацијата. Како резултат на тоа, на 9 мај 1934 година, политичкиот центар „Звено“ и воениот сојуз ја испраќаат бугарската армија против седиштето на ВМРО во Петричко. Само за неколку денови структурите на организацијата се разбиени, нејзините лидери се интернирани, а во 1935 година на Михајлов му е изречена смртна пресуда.

Фатен во тесно, Михајлов успева, за разлика од останатите лидери на ВМРО, во продолжение на неколку месеци да се сокрива во државата и во септември 1934 година, да избега во соседна Турција. Лидерот на нова Турција – Мустафа Кемал Ататурк, роден во Македонија, му дава на Михајлов политичко прибежиште – веројатно со идеја да не може да се востанови хегемонија на Балканот од страна на Јужните Словени под форма на сојуз меѓу Југославија и Бугарија.

Непосредно по бегството на Михајлов во Турција, ВМРО успева да го нанесе својот најголем терористички удар: атентатот во Марсеј на 9 октомври 1934 година, при што загинуваат југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту.

ТЕКСТОТ ЗА ВАНЧО МИХАЈЛОВ ПРОДОЛЖУВА ПОДОЛУ НА СТРАНАТА 3 ⬇⬇⬇

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.