Странските државјани кои со возила со странски регистарски таблички сообраќаат во Македонија од сега можат онлајн да ги проверуваат сообраќајните казни и да ги плаќаат електронски.
Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, информираше дека е активирана апликацијата „Безбедна земја“, која во оваа фаза е наменета токму за возачите на возила со странски регистарски таблички.
Преку апликацијата, возачите можат да ги видат прекршоците регистрирани од системот „Безбеден град“, да имаат пристап до налозите за плаќање и да ги подмират обврските онлајн.
За да пристапи до услугата, возачот треба да го скенира или фотографира патниот документ и да ја внесе регистарската табличка на возилото што го користи во Македонија.
Според Исени, со ова на странските возачи им се овозможува навремено да бидат информирани за евентуалните казни и да ги платат без потреба од дополнителни запирања или задржувања на граничните премини.
Активирањето на оваа услуга е дел од процесот на дигитализација на услугите поврзани со системот „Безбеден град“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во следните фази се очекува апликацијата да биде проширена и на други категории корисници.



