Одморот заврши, денеска почнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), топката повторно ќе се тркала на нашите терени, круната ќе ја брани Струга.
Денеска на програмата се сите натпревари од 1. коло во ПМФЛ, пет од нив се играат во терминот од 17 часот, а од 20 во Струмица во вечерен термин ќе се сретнат Брера и Вардар.
Струга го брани трофејот. Шампионот пред самиот почеток на сезоната остана без својот најдобар фудбалер, Бесарт Ибраими кој реши да се врати во Шкендија. Но, Стружани имаа добар преоден рок, го засилија тимот на повеќе позиции, потпишаа со Спировски, Ристевски, Кехинде, Воша, Такахара…. Амбицијата останува иста, трета шампионска круна по ред.
Шампионот денеска го пречекува Тиквеш кој покажа мускули и во Европа иако испадна во првото квалификациско коло од Конференциската лига. Кавадарчани повторно ќе се обидат да бидат присутни во првиот дел од табелата.
Главни конкуренти на Струга за титулата се очекува и оваа сезона да бидат Шкендија и Шкупи. Тетовскиот тим не се поднови со многу нови играчи, но донесе квалитетни засилувања, пред се Бесарт Ибраими и Валон Ахмеди.
Шкупи синоќа промовираше речиси цел тим од нови засилувања. Чаирчани неодамна го претставија и новиот спонзор кој им даде дополнителна финансиска инјекција, па целта и оваа сезона ќе биде врвот.
Шкендија денеска ќе гостува кај новиот прволигаш Беса за која целта во првата сезона ќе биде опстанок во лигата, додека Шкупи ја пречекува Воска која како што сега стојат работите има најголеми шанси за испаѓање од лигата.
Интересно ќе биде да се види каква сезона ќе има Вардар. Црвено-црните конечно ги решија финансиските проблеми, клубот сега е стабилен од тој аспект, нормалните услови за работа се вратени, донесени се неколку засилувања кои треба да го освежат тимот и да го зголемат квалитетот. Борбата за опстанок веќе нема да биде доведена во прашање, но засега е енигма колку високо може да оди овој тим на Вардар.
Црвено-црните вечерва гостуваат кај Брера која донесе неколку квалитетни засилувања како Димитар Тодоровски, Марјан Ристовски, Антонио Каланоски…
Трансфер бомбата ова лето ја направи Гостивар кој го ангажираше Набил Дирар, 38-годишниот Мароканец кој во својата кариера има настапувано и за екипи како Монако и Фенербахче. Останува да се види дали тој со себе ќе го донесе само името или ќе отскокнува и според квалитетот. Гостиварци донесоа и други сериозни засилувања како Чешмеџиев, Глишиќ, Мурати, Симоновски…
Сезоната тие ја почнуваат против повратникот Пелистер за кој најголемо засилување во овој преоден рок е напаѓачот Мирко Ивановски. За битолскиот тим целта во новата сезона ќе биде да опстанат во лигата, доколку можат да бидат присутни на средина од табелата.
Работнички на стартот од сезоната ќе го пречека Силекс. Двата стандардни прволигаши кои ќе сакаат мирна сезона и пласман колку што е можно подалеку од опасната зона.
ПМФЛ 1. коло
Струга – Тиквеш
Работнички – Силекс
Беса – Шкендија
Шкупи – Воска
Пелистер – Гостивар
Брера – Вардар
Натпреварот меѓу Брера и Вардар се игра од 20 часот, сите останати почнуваат од 17 часот.
Извор: sport1.mk