Судот во Стразбур: Аболицијата на Иванов не е призната, државата законски ја поништила

Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучи дека поништувањето на аболицијата што во 2016 година ја донесе тогашниот претседател Ѓорге Иванов било законско и дека не е повредено правото на фер судење на лицата опфатени со помилувањата.
Од одлуката, која Судот ја објави денеска, произлегува дека државата имала право да ги поништи претседателските помилувања, бидејќи тие биле донесени без законска основа во услови на политичка криза.
„Европскиот суд за човекови права едногласно пресуди дека немало повреда на член 6, став 1 (право на фер судење) од Европската конвенција за човекови права поради законодавната интервенција со која се дозволи поништување на претседателските помилувања и продолжување на кривичната постапка против подносителите на барањето“, се наведува во одлуката на Европскиот суд за човекови права.
Случајот датира од 12 април 2016 година, кога Иванов потпиша повеќе од 100 решенија за помилување на лица опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Со тие одлуки беа опфатени голем број тогашни функционери и соработници на ВМРО-ДПМНЕ, против кои СЈО водеше кривични постапки.
Одлуката на Иванов тогаш предизвика масовни протести и силни политички реакции, по што дел од помилувањата беа повлечени, а подоцна беше донесена и законска измена што овозможи нивно целосно поништување.
The post Судот во Стразбур: Аболицијата на Иванов не е призната, државата законски ја поништила appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: