Три главни состојки и многу, многу ароматни варијации… овие мали колоритни топчиња ќе ја разубават вашата трпеза, ќе ги задржат погледите на сите околу неа, а вас нема ниту да ве истоштат, ниту да ве истрошат.
Се приготвуваат ултра брзо, а можете да ги обложите со најразлични зачини, сушенo овошјe, јаткасти плодови или мешавини за да добиете колорит, разновидност и да го задоволите сечиј вкус.
Мини топчиња
Мини топчиња
СОСТОЈКИ
300 гр фета сирење
300 гр рендан кашкавал
2 големи лажици павлака
магдонос
црвен пипер
афион
сушена брусница
ореви
Мини топчиња
ПОДГОТОВКА
Во длабок сад измешајте ги сирењето, кашкавалот и павлаката.
Откако ќе добиете хомогена смеса, со помош на мала лажица издвојувајте од неа и со дланките оформувајте мали топчиња. Мини топчињата редете ги во тава или рамен сад. (Од посочените состојки излегуваат околу 30 топчиња.)
Тавата ставете ја во фрижидер барем половина час за топчињата минимално да се стврднат и да ви биде полесно да ги обложувате.
Секое од топчињата протркалајте го во избраната состојка. Освен сецкан магдонос, црвен пипер, афион, сечкана сушена брусница и издробени ореви (што беше наш избор), можете да експериментирате и со сецкан млад кромид, печен сончоглед, семки од тиква, издробен чипс, иситнети бадеми, пржени парчиња сланина и сл. Опциите се неброени.
Сервирајте со крекери или мали потпечени парчиња леб.