„Тоа е кражба, отсекогаш станувало збор за нафта“: Погледнете како Американците напаѓаат танкер во близина на Венецуела (Видео)

Венецуела реагираше остро откако американските сили запленија танкер за кој тврдат дека превезувал нафта, обвинувајќи го Вашингтон за „меѓународно пиратство“.

Венецуела ги обвини САД за „пиратство“ откако танкер за нафта беше запленет покрај брегот на земјата . Доналд Трамп ја објави операцијата за време на состанокот на бизнис лидери во Белата куќа, велејќи им на новинарите: „Тукушто запленувавме танкер покрај брегот на Венецуела, голем танкер, многу голем, всушност најголемиот што некогаш е запленет“.

Генералната обвинителка Пам Бонди сподели видео од операцијата, откривајќи дека во операцијата учествувале ФБИ, Службата за национална безбедност, крајбрежната стража на САД и Министерството за одбрана, пишува Скај њуз. Таа рече дека американските сили „извршиле налог за запленување на танкер за сурова нафта што се користи за транспорт на санкционирана нафта од Венецуела и Иран“

Видеото прикажува хеликоптер како се приближува до танкерот пред војниците да се спуштат на палубата со оружје за да го обезбедат бродот. Не се видливи членови на екипажот. Венецуелската влада објави дека заплената „претставува јасна кражба и чин на меѓународно пиратство“ .

„Учествувал во нелегална мрежа за транспорт на нафта“

Бонди рече дека запленетиот брод – за кој се верува дека е танкер наречен „Скипер“ – е санкциониран од САД со години „за учество во нелегална мрежа за транспорт на нафта што поддржува странски терористички организации“.

Бонди не го именуваше бродот, неговото знаме или точно каде се случил инцидентот. Британската група за управување со поморски ризици „Вангард“ соопшти дека верува оти танкерот „Скипер“ – кој е санкциониран од САД поради неговата наводна вмешаност во трговијата со нафта на Иран под името „Адис“ – бил целта.

Без да даде дополнителни детали за операцијата, Трамп додаде за време на состанокот во Белата куќа дека „се случуваат и други работи“.

„Запленето со добра причина“

Подоцна, Трамп рече дека танкерот бил „запленет од многу добра причина“ , а кога го прашале што ќе се случи со нафтата на бродот, тој додаде: „Па, претпоставувам дека ќе ја задржиме“ .

Ова означува уште една ескалација од страна на САД по месеци притисок врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Белата куќа го обвинува Мадуро дека предводи операција за трговија со дрога во Венецуела, што тој го негира. Претседателот наговести дека американските сили би можеле да започнат копнен напад врз оваа латиноамериканска земја.

Венецуела: „Секогаш стануваше збор за нашата нафта“

„Секогаш стануваше збор за нашите природни ресурси, нашата нафта, нашата енергија, ресурси што им припаѓаат исклучиво на венецуелскиот народ. Во овие околности, вистинските причини за тековната агресија врз Венецуела конечно се јасни. Не станува збор за миграција. Не станува збор за трговија со дрога. Не станува збор за демократија. Не станува збор за човекови права “, објави венецуелското Министерство за надворешни работи на Инстаграм.
The post „Тоа е кражба, отсекогаш станувало збор за нафта“: Погледнете како Американците напаѓаат танкер во близина на Венецуела (Видео) appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: