Рускиот претседател Владимир Путин и актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска телефонски разговараа за иднината на американско-руските односи, а Кремљ соопшти дека и двајцата изразиле подготвеност за лична средба. Тема на разговор беше и новата размена на затвореници меѓу двете земји.
Според Ројтерс, советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков изјавил дека двајцата претседатели „детално разговарале за иднината на односите меѓу САД и Русија“, а Трамп, според него, „зборувал многу емотивно“ за можностите за соработка.
„Тој особено нагласи дека изгледите за билатерални односи по решавањето на украинскиот конфликт изгледаат импресивни и дека ја гледа Русија како еден од најважните американски партнери во однос на трговијата и економијата“, рече Ушаков.
Трамп до Путин: Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време
Тој додаде дека двете страни во моментов работат на договор за нова размена на затвореници, во која би биле вклучени девет лица од двете страни, но не прецизираше кога би можела да се случи размената.
Ушаков потврди дека Трамп и Путин изразиле желба лично да се сретнат и дека нивните тимови ќе започнат со подготовки за евентуална средба, иако локација се уште не е договорена.
На прашањето дали се зборува за укинување на американските санкции, Ушаков одговори: „Трамп спомна дека во Сенатот е подготвен нацрт-закон за нови санкции, но додаде дека тој лично не е поддржувач на санкции, туку на договор.
Советникот на Кремљ го истакна и пријателскиот тон на разговорот, велејќи дека Путин и Трамп си се обраќале по име, а Путин му честитал на Трамп за раѓањето на внукот.
Трамп, според Ушаков, рекол: „Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време. Би бил среќен да се јавиш и да разговараме“.