Трамп му наредил на својот тим да се спреми за продолжена блокада на Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на својот тим да се подготви за продолжена блокада на Иран бидејќи преговорите за крај на војната се наоѓаат во ќорсокак, се вели во еден извештај.

Американски владини претставници изјавија за „Волстрит журнал“ дека претседателот верува оти одржувањето на конфликтот во моменталната неизвесна состојба ќе им наштети на финансиите на режимот и ќе ја ослаби неговата преговарачка моќ.

Аналитичарите проценуваат дека тековната американска блокада на иранските пристаништа и бродови го чини Техеран дури 435 милиони долари дневно, додека напумпаните цени на нафтата продолжуваат да им штетат на потрошувачите на Западот, што резултира со пад на популарноста на Трамп дома.

Висок американски функционер изјави за весникот дека блокадата „очигледно ја уништува иранската економија бидејќи режимот мака мачи да го складира вишокот на непродадена нафта“. Затворањето на иранските нафтени извори би можело да ја направи нафтата трајно недостапна, нанесувајќи загуби од милијарди долари.

Претходно беше објавено дека Трамп бил незадоволен од најновиот мировен предлог од Иран бидејќи со него се барало одвојување на нуклеарните преговори од пошироките напори за повторно отворање на Ормускиот Теснец и ставање крај на конфликтот.

Американскиот претседател на социјалните мрежи тврдеше дека Иран е во „состојба на колапс“ и дека „тие сакаат Ормускиот Теснец да биде отворен“.

Пронајдете не на следниве мрежи: