Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тонот на неговиот разговор со рускиот лидер Владимир Путин бил „одличен“ и истакна дека Русија е заинтересирана за трговија во голем обем со САД по завршувањето на конфликтот во Украина. „Тонот и духот на разговорот беа одлични. Да не беше така, ќе го кажев тоа сега, а не подоцна“, напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа Truth Social.
Трамп изјави и дека ги информирал Володимир Зеленски и некои лидери на партнерите на НАТО за резултатите од разговорот со рускиот претседател Владимир Путин и дека преговорите меѓу Русија и Украина ќе започнат веднаш.
„Ги информирав Зеленски, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот претседател Александар Стуб веднаш по разговорот со Путин“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.