Завршувањето на војната во Украина би можело да отвори значајни можности за македонските градежни компании во процесот на нејзина обнова. Ако постои интерес, компаниите од градежниот сектор би можеле да остварат значителен профит преку изведување градежни работи во Украина, што би можело позитивно да влијае и на македонската економија. Паралелно, се очекува намалување на цените на житото, енергенсите и металите, како и зголемување на извозот на македонски производи кон руските и украинските пазари. Експертите во градежништвото веруваат дека во обновата може да се вклучат поголеми градежни компании кои располагаат со потребниот технички потенцијал и стручна работна сила.
Според Никола Велковски, сопственик на градежна компанија и експерт во областа, обновата на Украина е голема шанса за македонските градежни фирми. Поголемите компании, како на пример „Гранит“, кои имаат капацитети, можат да учествуваат. Со формирање на конзорциуми од повеќе фирми, би се обезбедила потребната работна сила и поголема техничка подготвеност. Велковски нагласува дека државата треба да обезбеди банкарска гаранција за да се олесни учеството на македонските компании, што би донело профит и за компаниите и за македонската економија.
Од економски аспект, крајот на воените дејствија би можел да поттикне возобновување на трговијата со Русија и Украина. Иако Македонија нема обемна економска соработка со овие земји, бројките не се за занемарување. Во изминатата година, трговската размена со Русија изнесувала 117 милиони евра, додека со Украина 93,5 милиони евра. Во 2024 година, извозот на македонски производи на украинскиот пазар достигнал 22,5 милиони евра, со најмногу извезени антибиотици и зелка. Во Русија, најзастапен во извозот биле лековите, со вредност од 37,7 милиони евра. Увозот е значително поголем од извозот, со производи од Украина во вредност од 71 милион евра и природен гас од Русија во вредност од 99,2 милиони евра. Експертите предвидуваат дека крајот на војната би имал позитивен ефект врз европската, а со тоа и врз македонската економиja.
The post Улогата на македонските градежни фирми во обновата на Украина appeared first on 365.mk.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.