Улогата на обвинетиот Нинџа во УБК и се за упадот на 27 април, според денешните изјави

Почнувајќи од случувањата во 2015. година обвинетиот Александар Василевски – Нинџа утринава ја почна својата одбрана на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април минатата година. Тој објаснуваше каква улога имал во Управата за безбедност и контраразузнавање и дека бил ангажиран од тогашниот началник на Петтата управа Горан Грујевски.
Кажа дека тој му го дал псевдонимот Самурај, кој служел за распознавање на одредени задачи во службата, во одделот за оперативна техника и прикриени операции, попозната како Петта управа. Во екот на политичката криза кога Заев почна да ги објавува бомбите во 2015. година бил ангажиран од УБК. За неговиот претпоставен, Грујевски требало да разузнава за таргети што тој ги одредувал, за зачувување на уставниот поредок. Кога го ангажирале им кажал дека има само 3 степен средно во “Коце Металец“, а за трајно вработување му треба уште една година. Се запишал во средно во “Нова гимназија“, a имал легитимација на УБК и добил значка со број 637. Му дале пиштол магнум 38 специјал агент и радиостаница со 16 канали. Ја слушал комуникацијата на тајната служба, на канал 3, со шифра 600. Тогаш му дале насока да му се приближи на својот братучед Влатко Пановски – Типе, зашто имало информации дека работел за српски тајни служби. Тој ја завршил работата, а УБК имала постојани информации за него, сведочеше Нинџа.
-Следната година работев за Никола Бошкоски, кој го наследи Грујевски. Ми рекоа во 2016. година да бидам очи и уши на Никола Бошковски. Тој го наследи Горан Грујевски. Грујевски, иако беше тргнат од функцијата, беше нејзина сенка и глава. Кога ми ги даде пиштолот и опремата, тоа се случи во база Прест. Пред да ми ја даде опремата, ме однесе во објект што беше државна тајна“, кажа Нинџа, по што Судот не даде дозвола да се изнесуваат детали за тој објект.
Во 2016. година, кога почнаа истрагите на СЈО, Бошкоски, како што вели обвинетиот, бил во голема депресија. Во септември 2016. година на местото директор дошол Владимир Атанасовски. СЈО влезе во МВР, а почна и предизборната кампања. Тие, вели Нинџа, оделе како претходница. По изборите, кога ВМРО-ДПМНЕ победи заминале во хотел “Русија‘“ Таму биле директорот на УБК Владимир Атанасовски, Никола Бошкоски, Спире Ристовски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Ивица Коневски и Дејан Димковски-Боксер, и сите наздравиле за победата на ВМРО-ДПМНЕ. По тоа следувале приговорите во ДИК од страна на СДСМ, почнале протестите на ВМРО-ДПМНЕ, а тој собирал информации за службата, сведочеше Александар Василевски – Нинџа.
-На 27-ми април добив повик да дојдам во штабот директно од Мијалков. Не знаев дали станува збор за “Мериот“ или за партијата, но потоа ми беше дообјаснето дека треба да дојдам во ВМРО-ДПМНЕ. Таму имаше парамилитарен штаб, командно-оперативен штаб. Внатре во просторија беа Мијалков, Владимир Атанасовски (тогашен директор на УБК), Митко Чавков (тогашен директор на БЈБ), Билјана Бришкоска (тогашна заменик-министер за правда), Миле Јанакиески, Спиро Ристески, Кирил Тодоровски, изјави  обвинетиот Нинџа.
Инаку, како што рече тој, Владимир Атанасовски бил и член на патриотското здружение „Тодор Александров“, па така комуницирале со него. Планот бил прво пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да предизвикаат инцидент, но откако тоа не се случило се преминало на вториот план – отворање на вратите. Тоа Нинџа го дознал од телфонскиот разговор кој во тој момент Бришкоска го водела со претседавачот на Собранието Трајко Вељановски.
– Мијалков контактираше со Митко Пешов (тогашен командант на одделот за специјални единици на МВР, а сега обвинет за крвавиот четврток) и со Ивица Вучевски (тогашен началник на СВР Скопје). Миле Јанакиески контактираше со Богдан Илиевски (обвинет и еден од организаторите на протестите За заедничка Македонија).
Како што тврдеше Нинџа двата хард-дискови со снимките од безбедносните камери во Собранието биле одземени од двајца припадници на УБК (Оливер Радулов и Сашо Марковски), кои сега се обвинети за крвавиот четврток. Едниот од обвинетите, Марковски ги уништил хард-дисковите на преса, потоа ги сечел на парчиња со ножици за на крај остатоците да ги фрли во Вардар. Но, Марковски со службена белешка, како покритие дошол во Собранието за да го следи српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, а вистинската цел била да ги одземе и уништи хард-дисковите од камерите во Собранието.
Нинџа додаде дека тука Бошкоски му појаснил дека Марковски уништувањето на хард-дисковите го направил со хируршки ракавици и дека откако ги уништиле нема да има докази за нивните движења во Собранието, дополнувајќи дека 45 минути по полноќ заминал дома.
По кусо време тој рече: “Ова е судија вистината за 27 април од моја гледна точка. А ова е само мал дел“, па продолжи да зборува за следниот ден кога по наредба на Бошкоски требало да бидат избришани сите камери од „сејф сити“ (проектот за побезбеден град во кој МВР постави камери низ Скопје). Периодот додека бил во бегство Нинџа го правдаше со притисоци кои ги имал од Горан Грујевски, додавајќи дека во консултација со неговите адвокати собрал храброст да се предаде на полицијата.
Прашан од адвокатот Звонко Давидовиќ дали е точно дека имал телефонски контакти со странство Нинџа одговори:
-Точно е. Околу 14-15 часот ми се јави брат ми и ме праша како е мојата мајка која боледува од карцином. Мојот брат тогаш работеше како обезбедување на Никола Груевски и беше на работен состанок во Виена.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.