На денешната седница Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставност и законитост на Одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје од 17.02.2024 година.
Судот не ги прифати наводите на подносителката на иницијативата Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје од причина што не најде повреда на законитоста и уставноста на постапката за донесување на оспорената Одлука за ДУП. Не се докажа дека со Одлуката е направена повреда на Статутот на Општина Ѓорче Петров, на Законот за локална самоуправа, на Законот за Град Скопје, на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на членот 52 од Уставот, соопштија од Уставен.
ДУП-от за кој Арсовска поведе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста, беше донесен на 15 февруари минатата година на вонредна седница одржана во сабота. Со него е предвидено спроти пазарчето во Ѓорче Петров, на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош да се градат 30-тина згради, некои од нив високи и по 20 ката.


