Утре нема сите граѓани да добијат термини за вакцини, тоа се одлага за почетокот на идната недела

Ако не утре тогаш до понеделник. Министерот Филипче го промени ставот, откако претходно беше дециден дека до 15-ти мај ќе бидат известени кога ќе добијат вакцина сите граѓани кои се пријавиле на сајтот вакцинација.мк заклучно со април. Тоа што на некои пунктови се вакцинираа дваесетгодишници, а термин нема за пријавените повозрасни и хронично болни лица, Филипче го правда со фактор дека младите добиле вакцина бидејќи во некои општини биле вакцинирани сите повозрасни граѓани кои се пријавиле. Сега вели приоритет ќе бидат лицата над 70 години, и оние кои се пријавиле во мај – а помладите под 40 години ќе причекаат.
Граѓаните сепак нема да куртулат од носењето маски и на отворено најмалку до пред крајот на месецов. Нема ослободувања ниту за вакцинираните со две дози. Министерот смета дека е рано да се ослободиме од маските. Сегашните мерки треба да продолжат најмалку уште една недела.
До сега се аплицирани 180.000 дози вакцини, 150.000 граѓани примиле вакцина, а 30.000 и ревакцина. Во салата Борис Трајковски и денеска се вакцинираа граѓаните кои добиле термин. Помладите лица пак кои ги затекна нашата камера беа од приоритетни групи – зравствени работници.
Денеска стигнуваат 40.000 дози Астра Зенека преку Ковакс механизмот. Се уште ќе важи правилото со неа да се вакцинираат лица над 60 години. Утре стигнуваат и 100.000 вакцини Синофарм, донација од кинеската армија. Филипче вели бранот спласнува – а доминантен кај нас е британскиот тип на вирусот. Министерот смета дека другите мутации кои веќе се детектирани кај нас, не можат да станат доминантни, зошто треба да се попреносливи од британската, а не се .

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.